Бизнисменот Орце Камчев ставен на „црна листа“ на САД поради корупција

Орце Камчев пред суд како сведок за случајот „Рекет“

Американската Канцеларијата за контрола на странски имоти при Департментот за финансии на САД (OFAC – ККСИ) го назначи Орце Камчев на листата лица кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување, се вели во денешното соопштение на оваа институција. Овие санкции значат дека на Камчев му се замрзнува имотот во САД и му се забранети трансакции.

„Г. Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи самопослужувачка агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“, рече потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон.

„Трезорот останува посветен на повикување на одговорност на сторителите на корупција“, додаде тој.

Информацијата на Твитер ја потврди и американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер. Таа наведе дека САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани лица кои го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста во Северна Македонија. - „Корупцијата има последици“, напиша Агелер.


Во соопштението се вели дека Камчев повеќе од една деценија интензивно бил ангажиран во корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци, почнувајќи од раните 2000-ти.

„Во 2022 година, Камчев беше осуден во судскиот процес „Парцели на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште. Во одвоено судење, Камчев се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на службената положба во „Случајот Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Мерка за Мерко – непожелен во САД, прв на проширената „црна листа“

Исто така се додава дека дополнително, Камчев го искористил своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист.

„Во 2020 година, главниот обвинител на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинет за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главниот обвинител и другите, тврдејќи дека го изнудувале. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се вели во соопштението.

Исто така се додава дека после скандалот, СЈО пропадна и дека како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво кои СЈО ги разгледуваше, останале нерешени и со тоа била одложена одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слична на Камчев.

Импликациите од ваквата акција се целиот имот и интереси во имотот на Камчев во Соединетите Држави, или кои се во сопственост или контрола на лица од САД, се блокирани и мора да се пријават на OFAC.

Деновиве и други лица, но и компании беа ставени на црната листа на САД. Вчера македонската компанија за шпионски софтвери „Сајтрокс“, се најде на американската црна листа, а претходно и градоначалникот на Струга Рамис Мерко.