Пет земји-членки на ЕУ бараат продолжување на забраната за увоз на украинско жито

Берба на пченицата во селото Журивка, Украина, август 2022 година

Пет членки на ЕУ од Централна Европа заеднички побараа од европскиот блок да ја продолжи забраната за увоз на украински жита и по 15 септември за да се избегнат проблеми на пазарот, изјави унгарскиот министер за земјоделство Иштван Наѓи.

На пат за Варшава, Наѓи рече дека петте земји ќе побараат забраната да остане и по истекот на рокот за четири украински производи - брашно, пченка, семе од репка и семки од сончоглед и дека транзитниот извоз ќе продолжи.

„Одиме во Варшава за да ја зајакнеме соработката на петте земји и да потпишеме декларација или договор со кој ќе побараме од ЕУ да ја продолжи забраната по 15 септември“, нагласи Наѓи.

Видете и ова: Зошто е важен договорот за испорака на жито преку Црно Море?

Според него, жетвата на пченка и сончоглед сѐ уште не е ни започната во Унгарија, а во магацините се уште има одредени количини украински производи.

Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка станаа алтернативни патишта за извоз на украинско жито по почетокот на конфликтот во таа земја.

Овие земји стравуваат дека доколку не се продолжи Договорот за извоз на жита од украинските пристаништа, постигнат минатата година од ОН, Русија и Турција, може да дојде до зголемување на протокот на овие стоки и метеж во овие пет земји.

Во мај, ЕУ им дозволи на овие пет земји да ја забранат продажбата на украинско брашно, пченка, семе од репка и семки од сончоглед, притоа дозволувајќи премин на овој товар за извозни цели во други земји, вклучително и европскиот блок. Забраната истекува на 15 септември.

Претходниот метеж блокираше милиони тони жито во петте држави и ги намали цените, што претставува проблем за локалните фармери.