Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми денеска информираше дека кон „Бехтел и Енка“ досега биле исплатени околу 167 милиони евра.
Според Рустеми, моментно се вршат геомеханичките испитувања, а за проектирање на трасите ќе бидат ангажирани сите расположливи капацитети во државата.
„Продолжуваме со плаќањето кон „Бехтел и Енка“, според Договорот што го имаме потпишано и според финансиската програма одобрена од Владата. Досега се исплатени околу 167 милиони евра за мобилизација и авансно плаќање за коридорот 8 и корисорот 10д. Моментно се вршат геомеханичките испитувања на делниците Прилеп - Битола, Тетово - Гостивар и Гостивар - Кичево. Се подготвуваат и елаборатите за експропријација. Денеска или утре ќе бидат одобрени и сите проектантни за проектирање на сите траси и патните коридори“, изјави Русеми.
Видете и ова: Антикорупционерите го анализираат договорот со „Бехтел и Енка“Тој додаде дека сите капацитети во државата кои проектираат ќе бидат ангажирани.
„Ќе продолжиме најверојатно следната недела да доставиме барање до Министерството за танспорт за патните коридори. По добиеното одобрување ќе почнеме и со експропријацијата, а потоа и со градежните работи“, истакна Рустеми.
За спроведување на Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ со кој е предвидена изградба на четири автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10д, неодамна во Собранието беа изгласани измени на шест закони.
Договорот за изградба е таен, а според проценките на Владата изградбата на вкупна должина од околу 110 километри ќе чини 1,3 милијарди евра.
Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор.
Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д се постави на 12 мај.