Нови напади на Одеса и Киев, евакуација од Крим поради пожар на воени локации

Последици од нападт на Одеса, 18 јули 2023 година

Русија втора ноќ по ред изврши воздушен напад врз украинскиот пристанишен град Одеса, изјави на 19 јули Олех Кипер, началникот на армијата на регионот Одеса. Засега не се знае колкава штета е предизвикана од нападот.

„За последиците од силниот напад на терористичката земја на Одеса - подоцна“, напиша Кипер на Телеграм.

Киев, исто така, беше цел на руски беспилотни летала во текот на ноќта, објави Сергеј Попко, шеф на воената администрација на главниот град, додавајќи дека украинската противвоздушна одбрана ги уништила сите дронови кои доаѓале и нема информации за жртви или материјална штета.

Пожарот што избувна на воените полигони во областа Киров на полуостровот Крим принуди евакуација на повеќе од 2 000 луѓе и затворање на автопат во близина, изјави во средата гувернерот на Крим поддржан од Москва.

Видете и ова: Нови руски напади врз Украина, мостот на Крим делумно во функција

„Планирано е привремено да се евакуираат жителите на четири населени места, повеќе од 2 000 луѓе“, изјави рускиот гувернер на Крим, Сергеј Аксјонов.

Засега не се соопштуваат причините за пожарот, поради што делумно беше затворен главниот автопат Тауридијан. Каналите на Телеграм поврзани со руските безбедносни служби и украинските медиуми објавија дека во базата е запалено складиште за муниција.

Серхи Брачук, портпарол на воената администрација на Одеса, Украина, објави две видеа од пожарот во ненаселената област и изјави:

„Депо на непријателска муниција. Стар Крим“.

Стар Крим е мал историски град во областа Киров на Крим, кој Русија го анектираше полуостровот од Украина во 2014 година.

Видеата и фотографиите на социјалните мрежи покажуваат големи пламени јазици во ненаселената област, заедно со серија детонации.

Пожарот доаѓа откако во понеделникот експлозија го оштети мостот што ја поврзува Русија со полуостровот Крим, за што Москва ја обвини Украина и за кој претседателот Владимир Путин вети дека ќе возврати. Украина не ја коментираше експлозијата на мостот.