Северна Кореја рано утринава лансираше две балистички ракети во правец на исток и се чини, дека двете паднале надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, изјави јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада, јавуваат агенциите.
„Првата ракета достигна височина од 50 километри и имаше дострел од 550 километри, додека втората прелета 600 километри исто така на височина од 50 километри,“ изјави Хамада.
Јапонија, преку свои дипломатски канали, вложи протест против лансирањето на ракетите, додаде тој.
Видете и ова: Северна Кореја истрела балистичка ракетаЛансирањето се случи речиси една недела откако Северна Кореја ја тестираше својата најнова интерконтинентална балистичка ракета, Хвасонг-18, во тоа што Пјонгјанг го опишува како предупредување до САД и другите противници.
Денешното лансирање балистички ракети доаѓа само еден ден откако американска подморница со балистички проектили со нуклеарен погон влезе во територијалните води на Јужна Кореја, за прв пат од 1980-тите, пишуваат британските медиуми.
Лансирањето од Северна Кореја претходно беше потврдено од Јужна Кореја.
Односите меѓу двете Кореи моментално се на мртва точка, додека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повикува на забрзан развој на оружјето, вклучително и нуклеарното. Како одговор, Сеул и Вашингтон ја зајакнаа воената соработка, пренесуваат француските медиуми.