Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов потпишаа Општ колективен договор за јавниот сектор.
Со Договорот вработените во јавната администрација од септември ќе добијат за 10 проценти повисоки плати и за првпат регрес на годишен одмор или К-15 во висина од 10 илјади денари.
Спогодбата предвидува од март 2025 година, платите во јавниот сектор да се зголемуваат врз основа на просечната плата, плус коефициентите како бруто основа.
Иако од страна на владина прес -служба беше најавено дека потпишувањето ќе биде во 16:30, настанот доцнеше час и половина.
На прес-конференцијата по потпишувањето министерката Тренчевска рече дека со овој закон се уредуваат и други прашања како унапредување и заштита на работничките права и вреднување на трудот на работникот.
Видете и ова: Жешкото синдикално лето оставено за во септември
Јавниот сектор брои околу 130 илјади вработени.
„Победивме“, рече претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.
Тој вели дека денеска е исправена една неправда кон вработените, оти 15 години немало општ колективен договор и досега вработените во јавен сектор немале К-15.
Потпишувањето на договорот тој му го посвети на претходниот претседател на ССМ, Дарко Димевски, кој почина минатиот месец.
Министерот за финансии вели дека потпишувањето е историски успех.
Во преговорите учествуваше и Конфедерацијата на слободни синдикати, но тие не го потпишаа договорот. Претходно на прес -конференција претседателот на Конфедерацијата, Благоја Ралповски, рече дека тие се против општиот колективен договор, оти, како што вели, тој им штети на работниците.
Во последните месеци вработени во јавниот сектор протестираат и штрајкуваат со барање за повисоки плати. Незадоволство досега изразија вработените во Царинската управа, во Управата за јавни приходи, судска администрација, вработени во културата, во образованието, во Државниот испитен центар.
Дел од синдикатите не се задоволни со зголемувањето од 10 проценти, оти бараа 30 отсто и најавија дека продолжуваат со изразување на своето незадоволство.
Барањата за повеќе пари станаа особено гласни откако избраните и назначени функционери во Македонија во април добија зголемување на плати за 78 проценти.