Новинарски протести во Република Српска против можното криминализирање на клеветата

Новинарски протести во Бања Лука

Стотици новинари и активисти за заштита на човекови права на 18 јули маршираа до парламентот во Бања Лука, Република Српска. Тие протестираа против можните измени на кривичниот законик на мнозинскиот српски ентитет во Босна и Херцеговина, за кои велат дека ќе ја криминализираат клеветата и ќе ја задушат слободата на говорот.

Собранието на Република Српска на дневен ред за денеска ги стави амандманите со кои ќе се криминализира клеветата и покрај повеќемесечните протести на домашните и меѓународните организации, како и на новинарите кои ги повикаа пратениците да ги укинат измените.

Измените на Кривичниот законик беа воведени од претседателот на Република Српска, Милорад Додик,кој е и лидер на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД).

„Ова не е политичко прашање, ова е прашање на слобода на говор за секој поединец во Република Српска“, рече пред демонстрантите Синиша Вукелиќ, претседателот на Клубот на новинари во Бања Лука.

Според амандманите, давање злонамерни или невистинити изјави за некое лице ќе доведе до клевета и ќе биде казниво со парични казни.

Законодавците ги усвоија измените во нацрт-амандманот во март, кој потоа беше отворена јавна дебата од два месеци.

По бурните дискусии, во кои новинари и невладини организации ги обвинија пратениците за обид да ги стават медиумите под контрола, казните за клевета беа намалени во финалниот нацрт на законот од првичниот максимум од 60.000 евра на меѓу 1.000 и 3.000 евра.

Предлог-законот предвидува казни за јавно исмејување за припадност на одредена раса, вера, националност или етничко потекло, сексуална ориентација или родов идентитет.

Видете и ова: Додик размислува за отцепување на РС

Повисоки казни се можни во ситуации кога се појавува клевета во медиумите, на социјалните мрежи или на јавен собир.

По жестоката расправа, дефиницијата за навреда во ревидираната верзија на предлог-законот е сменета во прекршок.

Сепак, останува одредбата која се однесува на „неовластено објавување на туѓи досиеја, слики и снимки“ што може да предизвика парична казна или затвор до две години.

Додик, ветеран на политиката на босанските Срби, спроведува сè понационалистичка политика и беше критикуван за политиката која се смета за авторитарна додека бара поблиски врски со Србија и Русија.

Тој рече дека целта на законодавството е да ги заштити интересите на Република Српска и нејзината влада во лицето на „специјалната војна“ во која се вклучени новинари.