Грчките пожарникари продолжуваат со гаснењето на три активни пожари

илустрација

Во текот на целата ноќ грчките пожарникари се бореа со огнените јазици на три различни локации во Грција, а гаснењето на пожарите продолжува и утрово, и од копно и од воздух, со речиси 600 пожарникари, возила, авиони и хеликоптери, јави дописничката на МИА од Атина.

Во земјата, од вчера активни се три пожари, во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, каде што изгореа голем број домови, на Пелопонез кај Лутраки и во Дервенохориа, во јужниот дел на областа Виотија во близина на Атика.

Портпаролот на противпожарна служба на Грција Јанис Артопиос информираше дека во Атика интервенираат 230 пожарникари со седум пешадиски тима, 76 возила и три три хеликоптери, а мобилизирани се уште два.

На Пелопонез пожарникарите се справуваат со расфрлани жаришта и продолжуваат со работа 120 пожарникари со четири пешадиски тима и 43 возила, а од воздух интервенираат пет авиони и еден хеликоптер, а мобилизирани се уште пет воздушни средства.

Видете и ова: Летните горештини во Европа ќе стануваат рутина

Шумскиот пожар што избувна вчера попладне во Дервенохориа, според Артопиос, е во тек, на полноќ, преку бројот 112 за итни случаи била испратена втора предупредувачка порака до жителите на областа, а утрово интервенираат 140 пожарникари со пет пешадиски тима и 48 возила, со шест авиони и еден хеликоптер.

Паралелно во сите пожари помагаат припадници на армијата, на полицијата, брзата помош, како и пожарникари волонтери и цистерни од општините. Од пожарите во Атика и на Пелопонез, изгорени и оштетени се домови.

Министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас истакна дека во текот на вчерашниот ден имале 81 пожар, предупреди дека и денешниот ден ќе биде тежок и упати апел граѓаните да бидат внимателни, а соопшти дека за еден од пожарите се уапсени две лица.