Противниците на контроверзната судска реформа ги блокираа патиштата на десетици места низ Израел на почетокот на најновиот протест против планот на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за слабеење на врховниот суд.
Илјадници луѓе се очекува да учествуваат на протестот во текот на денот, бидејќи владејачката коалиција продолжува да го спроведува планот за ограничување на овластувањата на судот да ги преиспитува нејзините одлуки.
Нетанјаху најави дека предлог-законот ќе биде изгласан во Кнесетот следната недела. Утрово е блокиран и влезот во седиштето на израелската армија во Тел Авив. Група резервисти наречени „Браќа и сестри по оружје“ ставиле пластични цевки на рацете за да ѝ отежнат на полицијата да ги брка.
Многу воени резервисти, кои се клучни за рутинските активности на армијата, предупредија во последниве месеци дека нема да можат да служат во, како што сметаат, недемократски Израел доколку се спроведе планот за реформи.
Видете и ова: Демонстрантите во Израел го блокираа сообраќајот поради контроверзниот закон за судствотоПовиците да не се јавуваат на должност беа упатени на почетокот на годинава, кога беше објавен планот за реформи, а како што напредуваше спроведувањето, растеше и бројот на противниците, иако беа осудени од политичарите и од власта и од опозицијата.
Утрово беше блокиран и влезот на берзата во Тел Авив пред демонстрантите да влезат во зградата и да демонстрираат внатре. Демонстрантите денеска се собираат во Лод, Хаифа и Тел Авив, меѓу другите места, на протести наречени „ден на отпорот“ против реформите.
Противниците предупредуваат дека реформата ќе и нанесе голема економска штета на државата. Според израелските медиуми, тврдокорната владејачка коалиција ги отфрли тие предупредувања.