Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, денеска во Тирана, се сретна со премиерите на петте земји од Западен Балкан, посочувајќи дека ЕУ е посветена на брзо спроведување на стратегијата за раст на регионот.
„Албанскиот премиер Еди Рама ме покани во Тирана да разговараме за тоа како да се забрза економската и социјалната интеграција на шесте земји од Западен Балкан. Заедно со премиерите на Албанија, Србија, Северна Македонија и Црна Гора, разговарав и за новата стратегија за раст за Западен Балкан. Посветени сме на брза имплементација на овој план“, напиша Вархеји на Твитер.
Видете и ова: Договорите од Берлинскиот процес заглавени во парламентитеРама ги покани премиерите на Србија, Црна Гора и Северна Македонија, Ана Брнабиќ, Дритан Абазовиќ и Димитар Ковачевски, како и претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кристо, на работен ручек за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, со цел да се подготви за самитот на Берлинскиот процес во октомври во Тирана.
Владата на Косово нема претставник на денешната средба, бидејќи премиерот Албин Курти учествува на меѓународен симпозиум во Грција. Претходно овој месец, Курти одби да се сретне со Рама во Приштина, за време на неговата турнеја низ Западен Балкан.
Видете и ова: Курти нема да присуствува на средбата на лидерите од ЗБ во ТиранаКовачевски: Разговаравме за планот на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан
Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски посочи дека клучните теми на неформалната средба во Тирана е планот на ЕУ за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан, кој се заснова на неколку основни столбови. Пред се, рече Ковачевски, тоа е побрзо приближување на земјите од Западен Балкан кон заедничкиот пазар на ЕУ.
„Вториот е зголемување на средствата за финансирање важни регионални проекти, третото е зголемување на економската соработка и интеграцијата на земјите од Западен Балкан, а четвртото е забрзување на клучните реформи во секоја од овие земји“, изјави премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека тоа е амбициозен план на кој сите заедно ќе работат.
„Она што ќе биде дел од работата во периодот до октомври и потоа е ратификацијата и имплементацијата на договорите кои се веќе потпишани на состанокот во Берлин минатата година, на кои земјите веќе работат, а ова, пред се', се однесува на меѓусебното признавање на дипломите, како и на други договори кои беа потпишани во рамките на иницијативата Берлинскиот процес“, рече Ковачевски.
Видете и ова: Рама и Ковачевски- Берлинскиот процес е поголем од Отворен БалканБерлинскиот процес е меѓувладина иницијатива чија цел е да ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да им помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности. Основана е во 2014 година на иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.
Таа служи како платформа за соработка на високо ниво меѓу официјалните претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, а фокусот е создавање на заеднички регионален пазар, со околу 18 милиони луѓе.