Осуда од ЕУ и САД откако Русија престана да учествува во договорот за извоз на жито

Русија го напушти договорот за извоз на жито

Русија се повлече од договорот за извоз на жито преку Црното Море, објави Кремљ во понеделник, 17 јули.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференција најави раскинување на договорот, додавајќи дека Русија ќе се врати на договорот откако ќе бидат исполнети нејзините барања.

„Кога ќе се спроведе делот од Црноморскиот договор што се однесува на Русија, Русија веднаш ќе се врати на спроведувањето на договорот“, рече Песков.

Во понеделникот Русија ја обвини Украина дека во текот на ноќта го нападна мостот на Крим со поморски дронови, при што загинаа две лица.

На прашањето дали нападот на мостот одиграл улога во повлекувањето од договорот, Песков одговори дека не.

„Не, овие настани не се поврзани“, рече Песков.

Видете и ова: Русија го прекина учеството во договорот за извоз на жито

И покрај изјавите на Кремљ, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изгледаше оптимист во врска со перспективите на договорот за жито.

„Мислам дека и покрај денешната изјава, мојот пријател Путин сака да го продолжи договорот“, рече турскиот претседател.

Сепак, Путин во неколку наврати се закануваше дека ќе се повлече од договорот, тврдејќи дека не се почитувани елементите од договорот со кои се дозволува извоз на руска храна и ѓубрива.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш прави напори да го обнови договорот.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го осуди најавеното излегување на Русија од украинскиот договор за извоз на жито и тој потег го нарече „циничен“.

Договорот, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција во јули минатата година, имаше за цел да ја олесни глобалната криза со храната со тоа што ќе дозволи безбедно извезување на украинското жито, блокирано од руската инвазија на Украина. Неколку пати се продолжуваше, но новиот рок за продолжување беше 17 јули.

Видете и ова: Ердоган: Со Путин сме на иста страна за договорот за жито

Реакции на суспензија

Руската суспензија на договорот што доведе до извоз на жито од Црното Море на Украина „ќе ја влоши безбедноста на храната и ќе им наштети на милиони“, објави Белата куќа во понеделникот (17-ти јули).

„Ја повикуваме руската влада веднаш да ја повлече својата одлука“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адам Хоџ во соопштението.

Велика Британија го смета потегот на Москва за „разочарувачки“.

Москва „ќе им забрани на милиони луѓе пристап до клучна храна - жито“, изјави портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак, пренесе Асошиетед прес.

Украина и Русија се главните глобални добавувачи на пченица, јачмен, сончогледово масло и други прехранбени производи на кои се потпираат земјите во развој, пишува агенцијата.

Русија се пожали дека ограничувањата за транспорт и осигурување го попречиле нејзиниот извоз на храна и ѓубрива, исто така важен дел од глобалниот синџир на исхрана.

Сепак, како што пишува агенцијата, податоците за извозот покажуваат дека Русија испорачала рекордни количини пченица. Договорот беше продолжен за 60 дена, наместо претходно договорените 120, во мај поради одбивањето на Москва.