Косовскиот премиер Албин Курти нема да учествува на неформалниот состанок на лидерите на Западен Балкан што ќе се одржи на 17 јули во Тирана, главниот град на Албанија.
Оваа информација ја потврди портпаролот на Владата на Косово, Прпарим Круезиу, со образложение дека премиерот има и други обврски во Грција.
„Премиерот Курти го информираше премиерот на Албанија Еди Рама дека нема да може да оди овој пат на средбата, бидејќи пред неколку месеци го потврди своето учество на конференција на Крит, Грција, каде што панелот за Западен Балканот се одржува во ист ден и во исто време“, напиша Круезиу на својот Фејсбук профил.
Средбата во Албанија ја организира албанскиот премиер Еди Рама како дел од подготовките за самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи во Тирана на 16 октомври.
Инаку, Берлинскиот процес е иницијатива чија цел е да ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија на нивниот пат кон членство во ЕУ и да им помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности.
Видете и ова: Рама и Ковачевски- Берлинскиот процес е поголем од Отворен БалканРама на почетокот на јуни ги посети земјите од Западен Балкан со цел да се координира со лидерите за развој на заеднички барања, кои би биле претставени на октомврискиот самит на Берлинскиот процес. Но Рама во Косово се сретна само со претседателката Вјоса Османи и со претседателот на Собранието Гљаук Коњувац, но не и со премиерот Курти.
„Далечината“ во односите меѓу Курти и Рама следува откако албанскиот премиер го проследи нацрт-статутот до претседателот на Франција Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц за формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово. Потоа ја откажа заедничката седница на двете влади поради кризата на северот на Косово.
Косово на неформалниот состанок во Тирана ќе го претставува вицепремиерот Бесник Бислими. Србија, Црна Гора и Северна Македонија ќе ги претставуваат премиерите Ана Брнабиќ, Дритан Абазовиќ и Димитар Ковачевски. Босна и Херцеговина во Тирана ќе ја претставува претседателката на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.