Руските власти соопштија дека две лица загинале по, како што ја нарекуваат, „вонредната ситуација“ на мостот што го поврзува окупираниот полуостров Крим со Русија.
Украински извори пак соопштија дека на 17 јули, беспилотни летала на вода го погодиле единствениот мост што ја поврзува Русија со анектираниот полуостров Крим, во напад на витална рута за снабдување.
Портпаролката на јужната воена команда на Украина, Наталија Кумениук, изјави дека „ова може да биде руска провокација“.
Експлозијата го погодила мостот Керч, главниот канал за руските трупи во Украина, само неколку часа пред истекот на клучниот украински договор за извоз на жито.
„Киевската морнарица и безбедносната служба СБУ изведоа „специјална операција“ со помош на поморски беспилотни летала“, изјави за АФП извор од безбедносните служби.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во понеделникот ја обвини Украина дека извршила напад на мостот што ги поврзува Русија и Крим, со учество на Велика Британија и САД.
Захарова не обезбеди докази за поддршка на тие тврдења.
„Денешниот напад на мостот на Крим го изврши режимот во Киев. Овој режим е терористички и ги има сите обележја на меѓународна организирана криминална група“, рече Захарова на 17 јули, пренесува Ројтерс.
Таа додаде дека одлуките „се носат од украинските официјални лица и војската, со директно учество на американските и британските разузнавачки агенции и политичари“.
Мостот Керч беше отворен во 2018 година и овозможува патно и железничко патување меѓу Русија и Крим, украинска територија што ја држат московските сили од 2014 година.
Видете и ова: Крим нападнат со дронови, одекнуваат експлозииВо октомври минатата година беше делумно затворен по голема експлозија. Мостот, кој е важна сообраќајница, беше целосно отворен во февруари.
Шефот на руската администрација на Крим, Сергеј Аксјонов, на Телеграм напиша дека „сообраќајот е запрен на мостот на Крим.“
„Се преземаат мерки за враќање на ситуацијата. Ги замолувам жителите и гостите на полуостровот да се воздржат од патување преку мостот на Крим и од безбедносни причини да изберат алтернативен копнен пат низ новите региони“, рече Аксјонов.
Гувернерот на западната руска област Белгород, Вјачеслав Гладков, изјави дека две лица, родители на девојче, загинале во инцидентот, кој тој едноставно го нарече „вонредна ситуација“.
Претходно, шефот на кримскиот парламент, Владимир Констатинов, кој на таа функција беше назначен од Москва, „вонредната ситуација“ на мостот на Крим ја нарече „терористички напад на режимот на Киев“, пренесе руската новинска агенција РИА.
Тој оцени дека Украина извршила „ново злосторство“ со таргетирање на, како што рече, „цивилен објект“.
Руското Министерство за транспорт соопшти дека експлозијата не ги оштетила потпорите на мостот и дека е зафатена само површината на патот.