Историски високи температури се измерени во Италија, од север до југ. Во 16 града е прогласен црвен метео аларам, а температурите се очекува да достигнат 36/37°C од Рим до Болоња уште пред врвот на топлотниот бран на почетокот на следната недела.
Италијанската влада ги советуваше сите во областите со црвена тревога да избегнуваат да бидат на отворено во средината на денот и да водат посебна грижа за старите и ранливите.
Италијанскиот метеоролошки институт стравува од „најинтензивниот топлотен бран на летото, но и еден од најинтензивните на сите времиња“. Ниту северот од полуостровот нема да биде поштеден, а во вторник во Милано се очекуваат 38 степени Целзиусови.
Во Германија највисоки температури се измерени во саботата во баварскиот град Мерендорф-Клајнзебах и тоа 38,8 степени, во Берлин се забележани 35°C, а во Минхен 34°C.
Во Франција, министерот за земјоделство, Марк Фесно, вчера беше жестоко критикуван, бидејќи увери дека температурите се „прилично нормални за лето“.
Јуни беше вториот најтопол месец од почетокот на мерењата во Франција, каде што неколку области беа ставени под портокалова тревога поради топлотен бран.
И Грција е погодена од топлотен бран, кој ги принуди властите да го затворат Акропол во Атина во најтоплите часови во неделата трет ден по ред, кога температурите во земјата достигнаа над 41 Целзиусови степени.
Во саботата температурите надминаа 40 степени Целзиусови на 87 мерни станици, јавија грчките медиуми.
Екипите на Црвениот крст, распоредени во подножјето на Акропол за да им помогнат на туристите, интервенираа „десетици пати“ за да ги спасат посетителите во последните неколку денови.
Нов топлотен бран се очекува во Шпанија меѓу понеделник и среда, по викендов кога температурите надминаа 40 степени Целзиусови во Андалузија на југот на земјата, како и на Канарските Острови.
„Новиот бран ќе биде краток, но интензивен: ќе биде над 42 степени“, напиша Метеоролошката агенција (Аемет) на Твитер.
Зафатена е и Северна Африка. Во Мароко до вторник се предвидува нов топлотен бран, а температурите ќе се движат меѓу 37 и 47°C во неколку провинции, соопшти Генералниот директорат за метеорологија (ДГМ).
Во Азија, неколку провинции во јужна и југоисточна Кина ќе имаат високи температури за време на викендот, кои ќе достигнат од 35 до 40 Целзиусови степени, соопшти Централната метеоролошка опсерваторија. На некои места на северозапад, во некои градови температурата би можела да надмине 40°С.
Во Јапонија властите го повикаа населението да биде внимателно бидејќи се очекува температурите да достигнат до 39°C во недела и понеделник на истокот од земјата.
На другата страна на светот, јужниот дел на САД има невидени жештини: десетици милиони Американци, од Калифорнија до Тексас, трпат опасно високи температури од речиси 44°C, а метеоролозите очекуваат живата да достигне 46°C.
Во Калифорнија, едно од најжешките места на Земјата, денеска се очекуваат нови високи температури, веројатно и до 54°C, по високите 48°C напладне во саботата.
На југот на земјата американските пожарникари од петокот се борат со неколку многу жестоки пожари кои опустошија повеќе од 1.214 хектари и доведоа до евакуација на населението.
На глобално ниво, месец јуни бил најтопол измерен, според европскиот Коперникус и американските агенции НАСА и НОАА.