Министерката за животна средина, Каја Шукова, најави присуство на протестот против рудникот во Иловица, кој за утре е закажан во Струмица.
Собирот е во организација на Иницијативата „Здрава котлина“, по веста дека владата ги споила концесиите и дека на повидок е отворање на рудникот за експлоатација на минерална суровина, руди на бакар и злато на локалитет во Иловица.
„ Јас сум исто така против нови рудници во државата. Сметам дека особено тој земјоделски крај, кадешто треба да се развива земјоделието и каде државата ги поддржува земјоделците, мислам дека тоа треба да ни биде приоритет, тоа е мој личен став. Јас ќе се придружам утре, ќе бидам во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата, во координација со премиерот и со другите министри повторно ќе ја разгледа одлуката за спојување на двете концесии, иако, повторно ќе кажам, тоа во принцип не значи зголемување на концесискиот обем, тоа само значи административно спојување на две концесии“, изјави Шукова по денешната конференција за промоција на новиот Национален катастар за подземни води.
Видете и ова: Рудник „Иловица - Штука“ со владин амин „преку ноќ“Министерката вели дека во Министерството за животна средина не е пристигнато барање за отпочнување на постапка за оценка на влијание врз животна средина.
„Ако дојдеме до таа фаза, многу сериозно ќе пристапиме на разгледување на студијата, во зависност од тоа каков процес ќе биде понуден за евентуалана експлоатација на руда во тој регион. Она што веќе го направивме, во меѓувреме, се консултиравме со професори кои работат на оваа проблематика за начелно да имаме сознанија, тешка загадувачка индустрија e и мислам дека треба сите, вклучително и Владата, да бидеме многу внимателни со овој процес“, рече Шукова.
Протестот е закажан за во 11 часот, а збирно место е раскрсницата кај ГТЦ Глобал – Струмица. Жителите на југоистокот од државата долги години водеа битка против изградба на рудникот за злато и бакар „Иловица - Штука“, а сега повторно се обединуваат во револтот против одлуката на Владата донесена на 4 јули за спојување на двете концесии за изградба на рудникот.