По 3,5 години затвор за Гури и Алими на повтореното судење за „Титаник 3“

Основен кривичен суд - Скопје

По три години и шест месеци затвор добија Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ и во повтореното судење за „Титаник 3“во Основниот кривичен суд во Скопје.

Двајцата беа обвинети за уништување изборен материјал, односно дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир.

На Гури и Алими им се изречени идентични казни како и во првиот судски процес кој беше поништен од Апелацискиот суд во Скопје кој ја укина пресудата и го врати случајот на почеток.

Видете и ова: Мијалков куртули и за Титаник 2, му застари делото

И оваа пресуда повторно не е правосилна, па функционерите на ДУИ имаат право на жалба до Апелација.

Двајцата провостепено осудени се единствените поистакнати функционери од ДУИ за кои се дојде до пресуда во случаите што ги отвори Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Гури во моментов е заменик-управник во УЈП, а Алими државен советник во министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби.