Шаленберг: Скопје истрча тежок маратон, би било штета да се сопне на последната пречка

Прес конференција на министрите за надворешни работи на РСМ, Австрија, Чешка и Словачка во Скопје

Одлагањето на уставните измени значи и одлагање на патот кон ЕУ. Би било штета Скопје, кое истрча тежок маратон да се сопне на последната пречка, порача австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг кој заедно со неговите колеги од Чешка и Словачка, Јан Липавски и Мирослав Влаховски е во посета на Скопје.

Шефовите на дипломатијата како што и самите изјавија се дојдени и овластени од високиот претставник за надворешни работи на Европската унија, Жозеп Борел, да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ за прашања поврзани со досието за европска интеграција на Република Северна Македонија.

„Дојдовме да ја искажеме пораката од Борел. Тоа е порака на охрабрување. Нема време за губење. Одлагањето на уставните измени значи и одлагање на патот кон ЕУ. Би било штета Скопје, кое истрча тежок маратон да се сопне на последната пречка. Северна Македонија се соочува со опаснот да биде излорирана доколку не продолжи по европскиот пат“, порача Шаленберг.

Видете и ова: Маричиќ: Првото гласање за уставните амандмани до крајот на јули

Според него сега е моментот за политичка одговорност.

„Ставете ја политичката пред партиската одговорност. Сега е време кога треба и стратешки да се размислува. Ова е време и за порака за нашите пријатели од Бугарија. Надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки. И понатаму ќе ве поддржуваме. Северна Македонија е модел за целиот регион и сакаме и натаму да останете ваков светол пример“, порача Шаленберг.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи одговори дека рокот за завршување на процесот со уставните измени зависи од скрининг процесот кој како што повтори, треба да заврши во ноември.

На прашањето дали очекува ново вето или блокада од Бугарија, Османи рече дека нема други предуслови освен веќе постоечките патокази и акциски план.