Политичари и писатели
ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека кандидатурата на Шведска за членство во НАТО нема да биде ратификувана од страна на турскиот парламент пред октомври. На прес-конференцијата на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, тој рече дека процесот ќе треба да почека додека пратениците не се вратат од летната пауза.
ЕУ - Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, го поздрави договорот меѓу ЕУ и Косово за првите чекори за деескалација на ситуацијата на северот на Косово.
„Очекуваме дека Косово ќе преземе други позитивни чекори и ќе продолжи со напредокот во таа насока“, напиша Борел на Твитер и додаде дека работата со страните ќе продолжи како дел од дијалогот за нормализација на односите.
УКРАИНА - Министерот за одбрана Олексеј Резников изјави дека Украина и 11 земји потпишале меморандум за обука на украинските пилоти на борбени авиони Ф-16. Министерството за одбрана во соопштението на 11 јули наведува дека 11-те земји се Данска, Велика Британија, Белгија, Холандија, Луксембург, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Шведска и Канада.
МАКЕДОНИЈА - Уставниот суд на денешната седница донесе одлука со која се утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на Влатко Стојановски, сторена со две пресуди, една од Граѓанскиот суд Скопје и една од Апелацискиот суд, и двете донесени во текот на 2021 година.
МАКЕДОНИЈА - Одложен е увидот во Кумановски суд поради укажувањата на противпожарната единица, соопшти шефицата на кумановското обвинителство Теута Бедиу Рамадани.
„Командирот на ТППЕ Куманово кој ни објасни дека не е безбедно и дека ќе има пожарна стража до утре. Останува утре да се изврши увидот, доколку се обезбедат сите услови“, изјави Бедиу Рамадани, јавува МИА.
СРБИЈА - Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека официјален Белград негативно ја оценува одлуката на Израел да ја признае независноста на Косово и дека, според него, тоа им нанело штета на односите меѓу двете земји.
КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата Влада ја потврдила подготвеноста за деескалација на ситуацијата на северот на земјата, каде живее мнозинско српско население, односно дека ќе го намали бројот на полицајци лоцирани во и околу општинските згради.
ЧЕШКА - На 94-годишна возраст почина познатиот чешки писател Милан Кундера, автор на романот „Неподносливата леснотија на постоењето“, објави локалниот јавен сервис.
„За жал, можам да потврдам дека Кундера почина вчера (вторник, 11 јули) по долго боледување“, изјави Ана Мразова, портпаролка на библиотеката Милан Кундера во неговото родно Брно.
КИНА - Кина ги отфрли обвинувањата на НАТО дека ги доведува во прашање интересите и безбедноста на Aлијансата и изрази противење на секој обид на воената алијанса да го прошири своето присуство во азиско-пацифичкиот регион.
СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја денеска истрела ракета со долг дострел од нејзиниот источен брег, што претставува дванаесетто лансирање на Пјонгјанг годинава, пред состанокот меѓу јужнокорејските и јапонските лидери во Вилнус.
ЛИТВАНИЈА - Групата од седум најразвиени земји во светот (Г7) треба да го ратификува долгорочниот безбедносен аранжман со Украина во среда на 12 јули на Самитот на НАТО. Аранжманот ќе вклучува одбранбена опрема, обука и размена на разузнавачки информации. Британскиот премиер Риши Сунак оцени дека договорот ќе испрати „силен сигнал“ до рускиот претседател Владимир Путин.