Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата Влада ја потврдила подготвеноста за деескалација на ситуацијата на северот на земјата, каде живее мнозинско српско население, односно дека ќе го намали бројот на полицајци лоцирани во и околу општинските згради.
Сепак, како што прецизираше, полицајците нема да се повлечат од општините на север, туку само ќе бидат распоредени на други локации.
„Затоа, 25 отсто од полицајците ќе бидат префрлени на други локации во истите општини и ќе продолжат да ја вршат својата должност таму каде што има поголема потреба, бидејќи сметаме дека состојбата во близина на општинските згради е релативно помирна во последните две недели“, рече Курти на седницата на Владата одржана на 12 јули.
Европската унија претходно потврди дека се договорени чекори за деескалација, кои вклучуваат намалување на полициските сили во и околу општинските згради, како и организирање нови избори во четири општини на север - Звечан, Лепосавиќ, Зубин Поток и Северна Митровица.
Премиерот изјави дека Владата јавно ги поддржува предвремените избори, кои ќе се одржат по летната сезона и во целосна согласност со законската рамка на Косово.
„За нас, како Влада на Косово, отсекогаш било и останува важно граѓаните, каде и да се наоѓаат, да имаат локални претставници кои ги претставуваат на вистински начин. Но, за да се постигне тоа, потребно е да се создаде амбиент кој овозможува фер кампања, политички плурализам, учество на локалните заедници и гарантира неповредливост на гласањето“, изјави Курти.
Тој повтори дека не може да се направи компромис во однос на владеењето на правото „бидејќи тоа сериозно ќе ја поткопа демократијата“.
Видете и ова: Курти не ги исполнува барањата на САД и ЕУ за смирување на кризата на КосовоТензиите на северот на Косово траат од крајот на мај, кога градоначалниците Албанци со помош на полицијата влегоа во општинските згради. Локалното српско население остро се спротивстави на ова и секојдневно протестира со барања специјалната единица на косовската полиција да се повлече од север и градоначалниците да не доаѓаат на работа.
Србите ги бојкотираа последните локални избори во април и сега не ги прифаќаат резултатите. Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која работи со поддршка на Белград, не објави ништо за договорот ЕУ-Косово.
Тие претходно изјавија дека ќе учествуваат на изборите само доколку се повлече косовската полиција од северот, ако има амнестија за уапсените кои властите ги обвинуваат за насилство за време на протестите и ако почне формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство.
Заедницата е договорена како дел од дијалогот Косово-Србија во 2013 година и треба да обезбеди поголема автономија на Србите во Косово.
Од избувнувањето на кризата, западните земји бараат од Косово да преземе чекори за смирување на тензиите, а Србија да обезбеди безусловно учество на Србите на изборите што ќе бидат распишани.