Дваесет и седум вработени во „Комунална хигиена“ добиле откази. За отказот дознале вечерта на 10 јули, кога дошле трета смена на работа.
Од синдикалната организација на Комунална хигиена велат дека од новите 27 луѓе кои добија отказ, само против еден човек претходно имало спроведено дисциплинска постапка, останатите пак биле отпуштени оти протестирале.
Поради протестот на вработените во јавното претпријатие главниот град три дена беше претрупан со смет.
Претходно од работа беа отпуштени десетина вработени на неопределено време и 27 привремени вработени.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во изјава за медиумите на 11 јули рече дека е можно кривично да се гонат, ако има елементи за тоа, сите оние кои придонеле главниот град да се дави во смет.
Вработени во јавното комунално претпријатие протестираа со барање за зголемување на платите, подобри услови за работа, 13-та плата и бенефициран стаж.
Видете и ова: Политичките препукувања ги наполнија скопските улици со ѓубреДиректорката на Комунална хигиена, Косана Мазнева – Николиќ, на прес-конференција на 10 јули рече дека претпријатието со кое раководи било под заложништво на „мафијашки структури“.
„Помала група вработени кои повеќе од 15 години ја држат трета смена спротивно на законите и колективниот договор, а поголем дел од нив не се појавуваат на работното место го блокираат редовното работење на претпријатието и не дозволуваа овие неколку дена да биде исчистен сметот во градот“, рече Мазнева – Николиќ.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, под чија капа е јавното претпријатие, на истата прес-конференција со Мазнева – Николиќ, рече дека за неработниците нема место во „Комунална хигиена“.