Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 11 јули изјави дека лидерите на земјите-членки на воената организација се согласиле да и дозволат на Украина да се приклучи „кога сојузниците ќе се согласат и ќе бидат исполнети условите“.
Изјавата на Столтенберг доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди неуспехот на Алијансата да постави временска рамка за членство на Украина.
Пред да отпатува во Вилнус, каде се одржува дводневниот Самит на НАТО, Зеленска рече дека е би било „без преседан и апсурдно“ доколку лидерите на НАТО на Самитот не и понудат временска рамка за членство на неговата земја и посочи дека воената алијанса не е подготвена да ги отвори вратите за Украина.
„Потврдивме дека Украина ќе стане членка на НАТО и се согласивме да го отстраниме условот за акционен план за членство“, изјави Столтенберг за новинарите.
Одлуката ќе го промени патот за членство на Украина од два на еден чекор, рече тој.
Дводневниот Самит во главниот град на Литванија започна со дискусии фокусирани на воената поддршка на НАТО за Украина во нејзината одбрана од руската агресија и нејзините идни врски со Алијансата, вклучувајќи ги и нејзините изгледи за членство.
Видете и ова: Самит на НАТО во Вилнус: приемот на Шведска и аспирациите на Украина за членствоЗеленски, сепак, зборуваше против она што, како што вели, му изгледа на слаба формулација околу кандидатурата на Украина за членство во НАТО.
„Тоа е без преседан и апсурдно кога не е поставена временска рамка, ниту за поканата, ниту за членството на Украина“, рече тој пред да слета на состанокот како специјален гостин.
Украинскиот претседател вели дека од нејасноста на Алијансата корист ќе има само Русија и вети дека ова прашање ќе го покрене лично на Самитот.
Запрашан за загриженоста на Зеленски, Столтенберг рече дека најважното нешто сега е да се осигура дека неговата земја ќе победи во војната против Русија, бидејќи „додека Украина не победи, нема воопшто да се разговара за членство“.