САД го санкционираа шефот на српската безбедносна агенција Александар Вулин

Директорот на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА), Александар Вулин.

Министерството за финансии на Сoединетите Американски Држави (САД) на 11 јули го стави на списокот на санкции директорот на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА), Александар Вулин.

Информацијата на својата веб-страница ја објави Канцеларија за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (ОФАК).

Американското Министерство за финансии соопшти дека Вулин, „е вмешан во транснационален организиран криминал, нелегални операции со наркотици и злоупотреба на јавна функција“.

Покрај тоа, се вели во соопштението, Вулин помогнал да се олесни „нелегалната испорака на оружје“ од веќе санкционираниот српски дилер на оружје Слободан Тесиќ, јавува Агенцијата Франс прес.

Активностите на Вулин, кој е поранешен министер за внатрешни работи, „ја унапредија корупцијата во владините институции на Србија“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.

Видете и ова: Кој гледа „обоена револуција“ во Србија?


Во него се вели дека Вулин и помага на Русија да го прошири своето влијание на Балканот, наводно помагајќи да се деградира безбедноста и стабилноста во регионот.

„Министерството за финансии нема да се двоуми да ги таргетира актери кои ги злоупотребуваат своите позиции за лична корист додека го поткопуваат ефективно и демократско владеење на Западен Балкан“, рече заменик-секретарот за финансии Брајан Нелсон во изјавата.

Со санкциите се замрзнуваат сите средства што Вулин би можел да ги има под јурисдикција на САД и им се забранува на Американците и на американските бизниси и институции, вклучително и банките кои работат во САД, да соработуваат со него.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Белград, соопшти дека воведувањето санкции за Вулин не е насочено кон ниту една од институциите на Република Србија.

Амбасадата во објава на Твитер наведе дека „САД продолжуваат да ги поддржуваат граѓаните на Србија на патот кон реформирање на судскиот систем, борбата против корупцијата и создавање подобра иднина“.