Лога: Судски совет не постапува за неправилностите во Судот во Куманово

Судски совет

Судскиот совет одолговлекува и не постапува и покрај укажувањата и писмените дописи за констатирани неправилности во работата на Основниот суд Куманово, соопшти Министерството за правда.

Судскиот совет беше во работна посета на Основниот суд Куманово на 1 февруари годинава и подготви Извештај, во кој се наведува дека се констатирани низа нарушувања.

Констатирано е нарушување на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недеискриминација по која било основа, потоа користење на несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д претседателката на судот Снежана Манев, соопштува Министерството за правда.

Во Извештајот се наведени и злоупотреби на АКМИС-от, исклучување на одредени судии од автоматската распределба на предмети. Од увидот на предметите во работната група констатирано е долго траење и одолговлекување на постапката, неуредно и неажурно верификување на предметите во системот.

Извештајот е јавно објавен на веб страницата на Судскиот совет.

Видете и ова: Министерство за финансии не го одобри барањето за додатоци на плата на Судски совет

Министерот за правда Кренар Лога на 11 април испратил писмен допис до Судскиот совет во кој се бара преземање на соодветни мерки по однос на констатираните наводи. Но бидејќи министерот не добил одговор, на 22 јуни повторно побарал Судскиот совет да постапи по барањето за состојбите констатирани во Извештајот.

Министерството за правда на 29 јуни било известено од страна на заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели дека е изготвен дополнителен извештај кој е потребно да се разгледа на седница на Судскиот совет по што ќе не информираат за констатираната состојба.

„Министерството за правда уште еднаш го повикува Судскиот совет да постапи согласно своите надлежности, бидејќи неказнувањето на вакви случаи ќе доведе до дополнително нарушување на угледот на Советот, а со тоа и намалување на довербата во правосудството“, стои во соопштението на Министерството за правда.

Видете и ова: Локализиран пожарот во судот во Куманово

Судот во Куманово, пак, на 11 јули беше зафатен со пожар, кој беше локализиран. Биле опожарени подрумските простории каде се наоѓа архивата на Судот, соопшти Центарот за управување со кризи – Куманово.

Случувањата во Судскиот совет во последните месеци се тема на загриженост и од меѓународни и од домашни институции. За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.