Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека е во редовен контакт со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и дека е подготвен да се сретне со него.
Столтенберг ова го изјави пред новинарите во Вилнус, по повод неодамнешната изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека поради ситуацијата на Косово ќе бара средба со генералниот секретар на НАТО и итна седница Советот за безбедност на ОН.
„Загрижени сме поради растечката тензија во Косово. Ги повикуваме двете страни на деескалација и да се воздржат од активности кои би довеле до влошување на ситуацијата и зголемување на тензиите во регионот“, рече Столтенберг пред самитот на НАТО во Вилнус.
Видете и ова: Сите предлози за намалување на тензиите меѓу Косово и СрбијаТој додаде дека НАТО е присутен на Косово и дека го зголемил своето присуство поради нестабилноста, насилството и тензиите во изминатите недели.
„Имаме сили на КФОР таму за да обезбедиме безбедност и стабилност за Косово и неговите граѓани и ние го исполнуваме нашиот мандат на непристрасен начин“, рече шефот на НАТО.
Тензиите на северот на Косово настанаа на крајот на мај кога новите албански градоначалници на Звечан, Лепосавиќ и Зубина Поток со помош на полицијата влегоа во општинските згради и покрај противењето на локалните Срби кои ги бојкотираа изборите.
Европската Унија и другите западни земји бараат итна деескалација на ситуацијата, одржување нови избори и враќање на дијалогот за нормализација на односите.