Лидерите на земјите-членки на НАТО ќе ја потврдат поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на стабилна и безбедна Босна и Херцеговина, во согласност со Општиот рамковен договор за мир во БиХ и други релевантни меѓународни договори.
„Ги охрабруваме помирувањето и ги повикуваме политичките лидери да се воздржат од поделени и сецесионистички реторики и дејствија“, се вели во нацрт-заклучоците од самитот, во кои Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид.
Во нацрт-документот што треба да го одобрат лидерите на крајот на самитот, се потврдува посветеноста на евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина.
Видете и ова: Шмит пред ОН: Сецесионистичката реторика во Република Српска e во порастВо нацрт-заклучоците се споменува дека земјите на НАТО продолжуваат да ги поддржуваат реформските напори во БиХ, вклучително и преку новодоговорениот пакет за градење на одбранбените капацитети, канцеларијата на НАТО во Сараево и широк опсег на кооперативни безбедносни и партнерски инструменти, како и преку реформската програма на БиХ со НАТО.
„Ја охрабруваме Босна и Херцеговина да ја искористи поддршката на НАТО и да ги интензивира напорите за постигнување напредок во реформите во клучните области, вклучително и многу потребните изборни реформи, владеењето на правото, економските и одбранбените реформи, без предрасуди за конечната одлука за членство во НАТО“, порачуваат лидерите на НАТО во нацрт-заклучоците од Самитот.
Видете и ова: Самит на НАТО во Вилнус: приемот на Шведска и аспирациите на Украина за членствоВо 2010 година, Босна и Херцеговина беше поканета да се приклучи на Акциониот план за членство (МАП), кој претставува прв чекор кон прием, но во исто време не прејудицира каква било одлука за идното членство.
Како дел од Акциониот план за членство, соработката на земјата со НАТО е структурирана преку Програмата за реформи во Босна и Херцеговина, која ги прикажува реформите што владата има намера да ги преземе и ја олеснува поддршката на НАТО за овие напори.
Инаку лидерите на земјите членки на Северноатлантската алијанса се во Вилнус, каде во следните два дена ќе разговараат за широк спектар на теми, меѓу кои можноста Украина да стане полноправна членка на Алијансата, како и прием на Шведска како најнова членка на НАТО.