ЈО извршило надзор во 30 предмети за Мерко

Струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко (архивска фотографија)

Комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија изврши вонреден надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и имаше увид во вкупно 30-тина заведени предмети против Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга, информираат денеска од Јавното обвинителство.

„Под обврска да се води од начелото на пресумпција на невиност, Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека во сите активни предмети против наведеното лице ќе бидат преземени неопходните дејствија и ќе бидат испитани сите околности, а евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон“, се наведува во соопштението од ОЈО.

Оттаму додаваат дека ОЈО Струга води четири предмети против Мерко, оформени од почетокот на годинава, а постапува и во два предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добиле укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето.

Вишото јавно обвинителство Битола добило насока во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност.

Видете и ова: Мерка за Мерко – непожелен во САД, прв на проширената „црна листа“

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно пет предмети (2 во РО и 3 во КО уписник).

„Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел се уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет“, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Од ЈОРСМ, посочуваат дека во овој процес очекуваат поддршка од јавноста, но и од меѓународните институции и организации кои ја следат нивната работа, додавајќи дека толеранција на какви било облици на криминал нема и нема да има.

Стејт Депарментот на 20 јуни го стави Рамиз Мерко на „црната листа“ поради наоди за негова вмешаност во значителна корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството. Санкциите на САД се насочени и кон сопругата на Мерко, како и неговите три деца.