Од Скопје до Вилнус
ЛИТВАНИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се согласи да ја проследи кандидатурата на Шведска за приклучување кон воената алијанса на НАТО до парламентот. Ова го соопшти генералниот секретар Јенс Столтенберг во понеделник, 10 јули, пред самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, на својот профил на социјалната платформа Твитер.
ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц се изјасни против поврзувањето на можниот пристап на Шведска во НАТО со заживување на процесот на пристапување во ЕУ со Турција.
МАКЕДОНИЈА - Осум арбитражни спора во вредност од речиси 1,4 милијарди евра, се водат против Северна Македонија. За споредба македонскиот буџет за годинава е проектиран на 5,2 милијарди евра, што значи дека ризикот ако се изгубат правните спорови ќе „тежи“ колку една четвртина од буџетот.
РУСИЈА - Русија се закани со контрамерки во случај Украина да влезе во НАТО, велејќи дека тоа ќе има „многу негативни последици за и онака полууништената европска безбедносна архитектура, а исто така ќе биде и крајна опасност и закана за нашата земја“, јавува германската новинаска агенција ДПА. Таквиот потег ќе бара „прилично јасен и силен одговор“ од руската страна, рече на 10 јули портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
МАКЕДОНИЈА - Порасна недовербата на граѓаните во политичарите покажа последната анкета на Меѓународниот републикански институт. На прашањето кој политичар ви е најомилен, 42 проценти од граѓаните не одбрале никој. Ниту еден од политичарите нема рејтинг поголем од 10 проценти.
БУГАРИЈА - Бугарскиот претседател Румен Радев ја бранеше својата позиција против испраќање воена помош за Украина и ја обвини владата дека ги штити странските интереси помагајќи му на Киев. Ова шефот на државата го изјави на 10 јули, по критиките кои беа упатени кон него по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
САД - Силен дожд пропратен со бурни ветрови предизвика големи поплави во долината на реката Хадсон во Њујорк, при што загина најмалку едно лице, пренесува новинската агенција Асошиетет Прес.
УКРАИНА - Од почетокот на руската инвазија на Украина, загинале околу 47.000 руски војници, според податоците добиени од новинарите од двата независни руски медиуми, Медуза и Медиазон, објавени во понеделникот. Руската инвазија на Украина започна во февруари 2022 година.
КИНА - Шест лица загинаа, а едно е повредено во напад со нож во градинка во кинеската провинција Гуангдонг, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на полицијата.