Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се согласи да ја проследи кандидатурата на Шведска за приклучување кон воената алијанса на НАТО до парламентот. Ова го соопшти генералниот секретар Јенс Столтенберг во понеделник, 10 јули, пред самитот на НАТО во Вилнус на својот профил на социјалната платформа Твитер.
„Задоволство ми е да објавам дека претседателот Ердоган се согласи да го проследи протоколот за пристап на Шведска до Големото национално собрание што е можно поскоро и тесно да соработува со собранието за да обезбеди ратификација“, напиша Столтенберг пред прес-конференција на 10 јули во вечерните часови на Твитер.
„Ова е историски чекор што ги прави сите сојузници на НАТО посилни и побезбедни“, напиша Столтенберг.
Претходно денеска Ердоган изјави дека Европската унија треба да го отвори патот за пристапување на Анкара во блокот пред турскиот парламент да ја одобри кандидатурата на Шведска за приклучување кон воената алијанса на НАТО.
„Прво, дојдете и отворете го патот за Турција во Европската унија, а потоа ќе го отвориме патот за Шведска, исто како што направивме за Финска“, рече тој, додавајќи дека ќе го повтори својот повик за време на самитот.
Видете и ова: Шолц против барањето на ЕрдоганМинатата година, по руската инвазија на Украина, Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО, напуштајќи ја својата долгогодишна политика на воено неврзување.
Сите членки на НАТО мора да ги одобрат апликациите за членство.
Во март Турција го ратификуваше договорот за пристапување на Финска во Алијансата, но не и за Шведска, тврдејќи дека во оваа скандинавска земја се сместени членови на милитантни групи (особено членови на Работничката партија на Курдистан - ПКК) кои Анкара ги смета за терористи.
Финска официјално стана 31-ва членка на НАТО на 4 април.
Сите членки треба да го одобрат барањето за членство, што Турција и Унгарија се уште не го направиле кога станува збор за Шведска.