Осум арбитражни спора во вредност од речиси 1,4 милијарди евра, се водат против Северна Македонија. За споредба македонскиот буџет за годинава е проектиран на 5,2 милијарди евра, што значи дека ризикот ако се изгубат правните спорови ќе „тежи“ колку една четвртина од буџетот.
Арбитражен спор пред меѓународна институција во кој некоја компанија бара наплата на шетата од странска држава е честа пракса кога правилата на игра или договорите се нарушени.
Досега се завршени три спора, во еден тужителот кој бараше вкупно 500 милиони долари оштета се повлече, еден државата го доби а еден го загуби и ќе треба да плати штета од 21 милион евра, изјавил на средба со новинарите вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
На оваа листата влегуваат споровите на „Кунико ресорсис“ од Холандија за „Фени индустрис“, потоа две постапки од индиски „Бинани“ во врска со рудникот „Злетово“, на „Хеленик Петролеум“ за „Окта“, постапката на Блажо Тасев против државата за рудникот „Саса“, потоа на повеќе украински инвеститори во врска со рудникот „Казандол“, како и на турски „Гама Гуч“ за „Те-То“ како и спорот на италијанската компанија „Инсо системи“ во врска со изградбата на Клиничкиот центар во рамки на комплексот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во арбитражните спорови Северна Македонија, ја застапуваат странски адвокатски канцеларии, кои се бираат од листата на триесетте најдобро рангирани канцеларии во светот а досега за нивните услуги е платено околу 15 милиони евра или околу еден процент од вкупната сума на споровите во кои тие ја застапувале Македонија.
Според Битиќи, избегнувањето на решавањето на овие спорови е спротивно на интересите на граѓаните и државата.
„Имав дилема, но не траеше повеќе од десет минути, дали да потпишам да решаваме арбитражни спорови или оставам, како што тоа се правело претходно. Сметам дека треба да се заштити интересот на државата и граѓаните, а ова е еден од начините да се направи тоа“изјави вицепремиерот Битиќи.
Северна Македонија досега го доби спротот со холандската компанија „Кунико ресорсис“ која бараше 74 милиони долари штета поради според нив незаконска стечајна постапка за „Фени“. Холандската компанија е задолжена да плати три милиони долари на адвокатската компанија која ја застапуваше Македонија.
Досега единствениот арбитражен спор кој Северна Македонија го загуби е со „Хеленик петролеум“ и спорниот купопродажендоговор за рафинеријата ОКТА, државата сега треба да и плати 21 милион евра на грчката компанија „Хеленик Петролеум“.
Од Влада се децидни дека ќе се плати помала сума од досудената и нагласуваат дека со оваа пресуда се забранува „Хеленик Птеролеум“ да поведе уште еден, трет арбитражен спор и да бара наплата на шетата за период од 2012 до 2019 година.
Индската компанија „Бинани“ во два наврати поведе арбитражен спор против државата, во првиот се повлече , па државата бара присилна наплата на трошоците за адвокатите и постапката, додека втората се запре и во моментот се пресметуваат трошоците кои индијската компанија ќе треба да ги плати на адвокатите и постапката.
Активни спорови во моментов се Блажо Тасев против државата кој бара оштета од 492 милиони евра за како што тврди незаконска експропријација на имотот на „Саса“ од 2004 година кога тој победил на јавно наддавање. Постапката е во завршна фаза, одржано е последното усно рочиште, одлуката се очекува оваа есен.
Оштета од 78 милиони евра бараат шестмина украински државјани заради раскин на концесијата во „Казандол“ по рефередумот на локалното население кое гласаше за одземање.
Турската „Гама Гуч“ бара 5 милиони евра штета околу стечајна постапка во „ТЕ-ТО“. Ова е класичен пример кога спор меѓу приватни компании прераснува во постапка против државата врз основа на договор за заштита на инвестициите кој што го имаат потпишано Македонија и Турција.
А спор против државата води и италијанската компанија „Инс Системи“ кои требаше да го градат Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ но договорот кој го потпиша тогашниот министер Никола Тодоров го раскина неговиот наследник Венко Филипче.
Видете и ова: Корупцијата годишно „јаде “ по еден нов Клинички центарВо овој список не влегуваат други потенцијални арбитражни постапки, како на пример онаа за „Иловица- Штука“ во Струмичко кои деновиве се многу актуелни во јавноста откако концесијата за нив беше споена и граѓаните стравуваат дека овој контроверзен проект ќе се реализира, а за кој се стравува дека може да надмине една милијарда евра.
Инаку, од формирањето на Националното координативно тело во 2017 година до сега, по основа на арбитражни постапки, не се исплатени буџетски средства.