Поголеми плати за 10 проценти, договор за општиот колективен договор, нова Методологија за пресметка на плати врз основа на просечна плата, регрес за годишен одмор за вработените во јавниот сектор се договорени на денешниот состанок меѓу Владата и синдикатите на Економско- социјалниот совет.
Со септемвриската плата, вработените во јавниот сектор ќе добијат покачување на платата од 10 проценти, К-15 од 10 илјади денари годинава ќе добијат во декември, а новата Методологија за пресметка на плата ќе стапи на сила од март 2025 година.
Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека Колективниот договор, односно новата методологија за пресметка на плата ќе важи од март затоа што е потребно усогласување со буџетот и системско решавања, односно вметнување во законите.
„Методологијата ќе важи од март 2025 со коефициент од просечна бруто плата и таа ќе важи за сите во јавниот сектор“, рече Бесими
Ова покачување нема да важи за функционерите.
Новоизбраниот претседател на Сојузот на синдикати (ССМ), Слободан Трендафилов, смета дека вработените во јавниот сектор треба да бидат задоволни.
„За нас како синдикати ни беше важно, вработените во јавниот сектор на банкомат во септември да добијат далеку повеќе од бараните 14 проценти, што со овој процент кој го договоривме ја постигнавме целта, ако имаме в предвид дека платите на голем дел од вработените во јавниот сектор со синдикални активности пораснаа во изминатиот период“, изјави тој.
Во последните месеци вработени во јавниот сектор протестираат и штрајкуваат со барање за повисоки плати. Незадоволство досега изразија вработените во Царинската управа, во Управата за јавни приходи, судска администрација, вработени во културата, во образованието, во Државниот испитен центар.
Барањата за повеќе пари станаа особено гласни откако избраните и назначени функционери во Македонија во април добија зголемување на плати за 78 проценти.