На ден пред Самитот на НАТО, Литванија цел на сајбер напади

Илустрација

На само еден ден пред одржувањето на Самиотот на НАТО во Вилнус каде ќе присуствуваат лидерите на земјите членки на алијансата, Литванија е цел на сајбернапади, соопштија властите на балтичката држава.

Сајбернападите беа насочени кон веб-страниците на градот Вилнус, вклучувајќи туристички информации и апликација за јавен превоз.

Литванскиот Национален центар за сајбербезбедност соопшти дека соработува со разузнавачките агенции и полицијата, како и со странски партнери.

Центарот објави дека вчера добил извештај за два сајбер инциденти, вклучително и хакерски напад врз регионална радиостаница. Работата на таа станица беше прекината со дистрибуција на дезинформации за НАТО и Украина.

Видете и ова: Вилнус се подготвува за Самитот на НАТО


И литванскиот телекомуникациски оператор Телија денеска извести дека имало хакерски напади врз литвански институции и јавни претпријатија преку мрежата Телеграм. Литванија утре и во среда ќе биде домаќин на Самитот на НАТО.

Безбедноста на Самитот во литванската престолнина во вторник и среда ќе биде на високо ниво, со три германски противвоздушни единици „Патриот“ распоредени за да го заштитат местото каде што ќе се одржува, што се случува за прв пат на еден самит од неговото постоење.