Турскиот претседател Таип Ердоган, во неочекуван потег, на 10 јули рече дека Европската унија треба да го отвори патот за пристапување на Анкара во блокот пред турскиот парламент да ја одобри кандидатурата на Шведска за приклучување кон воената алијанса НАТО.
Обидот на Турција за влез во ЕУ беше замрзнат со години по започнувањето на преговорите за членство во 2005 година во првиот мандат на Ердоган како премиер.
Врските меѓу Анкара и членките на блокот се влошија пред неколку години, особено по неуспешниот обид за државен удар во Турција во 2016 година, но оттогаш во голема мера се подобрија. Блокот зависи од помошта на НАТО сојузникот Анкара, особено за миграцијата.
Видете и ова: Вилнус се подготвува за Самитот на НАТО
Во ненадејна промена на тактиката, Ердоган во понеделникот го поврза одобрувањето на Анкара за кандидатурата на Шведска за НАТО со конечното приклучување на Турција во ЕУ.
„Ги повикувам оттука овие земји кои ја тераат Турција да чека пред вратата на Европската унија повеќе од 50 години“, рече Ердоган, говорејќи пред неговото заминување на самитот на НАТО во Вилнус.
„Прво, дојдете и отворете го патот за Турција во Европската унија, а потоа ќе го отвориме патот за Шведска, исто како што направивме за Финска“, рече тој, додавајќи дека ќе го повтори својот повик за време на самитот.