Расте недовербата на граѓаните во политичарите

Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Порасна недовербата на граѓаните во политичарите покажа последната анкета на Меѓународниот републикански институт. На прашањето кој политичар ви е најомилен, 42 проценти од граѓаните не одбрале никој. Ниту еден од политичарите нема рејтинг поголем од 10 проценти.

Анкетата е спроведена од 8 април до мај на 1208 испитаници.

Претседателот Стево Пендаровски има целосна доверба од 12 отсто и 26 проценти делумна доверба кај испитаниците и е политичар кому граѓаните најмногу му веруваат, покажува најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

На второ место во оваа категорија е избеганиот експремиер Никола Груевски, со 11 отсто целосна доверба, плус 19 отсто делумна доверба.

И премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ имаат доверба кај граѓаните од 8 отсто, Али Ахмети 7 проценти, а бившиот премиер Зоран Заев има рејтинг 5 отсто во анкетата на ИРИ.

Видете и ова: Рејтингот на Груевски - аларм за актуелните политичари

На прашањето доколку претстојната недела се одржат парламентарни избори за која политичка партија би гласале, ВМРО-ДПМНЕ има речиси двојна предност пред СДСМ, односно 19 проценти од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, додека пак само 11 проценти од анкетираните граѓани одговориле дека би гласале за СДСМ.

На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79% од возрасните испитаници одговориле со „да“.

Ова претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.

Видете и ова: Држава во погрешен правец, политичари без доверба

„Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина“ изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.

Анкетата исто така покажа дека поголемиот број на граѓани немаат доверба во владеењето на правото.

„Лидерите во Скопје мора да се осврнат на ова прашање доколку сакаат да влеат доверба во владата и во политичките институции на земјата“, изјави Мекарти.

Анкетата на ИРИ покажа зголемена поддршка за членство во ЕУ, недостиг на доверба во владеењето на правото, разлика за правецот на движење на локално и национално ниво Според најновата анкета на ИРИ, најмалку доверба граѓаните освен во политичките партии и во парламентот имаат и во судството и јавното обвинителство.