Кавгата меѓу скопските градоначалници и јавните претпријатија за Комунална хигиена и за депонијата Дрисла по дводневната криза со ѓубрето се интезивира со обвинување за кривично дело.
Од „Дрисла“ во писмено соопштение посочија дека се сомневаат оти градоначалниците на општините Аеродром и Кисела Вода, Тимчо Муцунски и Орце Ѓорѓиевски кои го истурија ѓубрето пред вратата на депонијата сториле кривично дело против животната средина.
Тие со камионите со смет од нивните општини од депонијата Дрисла преку пренос во живо доцна синоќа обвинија дека не им се дозволува да го депонираат ѓубрето.
Во соопштението на Дрисла е посочено дека и двајцата градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ „ безочно лажат “ и дека нивиот договор е истечен во март годинава. Од „Дрисла“ прашуваат каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори.
Видете и ова: Како на Дрисла ѝ било дозволено да изгори илјадници килограми опасен отпад?
„Се поставува прашањето, каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП депонија „Дрисла“ Скопје, единственото предвидено место за одложување на отпад? Дали креирале и колку диви депонии креирале? Колку од дивите депонии кои ги исчисти градот Скопје повторно се претворени во хаос со отпад?“, се наведува во соопштението.
Во главниот град изминативе неколку дена не се собираше отпадот поради протест на вработените во ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје кои бараат повисоки плати подобри услови, исплата на К15 и враќање на отпуштените колеги од работа.
Претходно директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева на прес-конференција информира дека нема да дозволи политички центар да ја контролира работата на ова претпријатие и дека се поднесени пријави до МВР и до Обвинителството за заканите по живот кон неа и кон други вработени.
Во меѓувреме, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ со помош на своите колеги од други општини синоќа почнаа да го чистат насобраното ѓубре, додека од Општина Центар од утрово сами почнаа со чистење на ѓубрето.
Доцна синоќа, по седница на Кризниот штаб, градоначалничката Данела Арсовска кажа дека ЈП „Комунална хигиена“ е ставено во нормала и оти се надева дека од денеска ќе почне да работи со целосен капацитет.
Таа по дводневаната кризна ситуација со ѓубрето низ улиците го обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад протетсите во Комунална Хигиена и ги политизира.
„Ваквите политичари, рече Арсовска, се ѓубрето кое треба да се исчисти“, изјави Арсовска на прес конференцијата.
Од скопските општини Центар и Аеродром, по реакција од граѓаните побараа од надлежните итно да најдат соодветно решение за собирање на сметот.
За состојбата со хигиената на територија на Град Скопје денеска седница ќе одржи Скопскиот плански регион