Српскиот претседател Александар Вучиќ на 8 јули телефонски разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон, од кого рече дека побарал „да вложи дополнителни напори за приштинската страна да се вразуми и да се врати во рамката на конкретни разговори“.
„Како и секогаш, отворен и сериозен разговор со претседателот Емануел Макрон), кому му ги претставив последиците од опасниот развој на ситуацијата на Косово и Метохија“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.
Вучиќ напиша дека нагласил оти Србија останува посветена на дијалогот и зачувувањето на мирот, иако, како што наведе, „српската заедница во Косово е единствената етничка група во Европа која е изложена на постојано насилство“.
„Побарав од претседателот Макрон да вложи дополнителни напори за приштинската страна да се вразуми и што поскоро да се врати во рамката на конкретни разговори, како и да престане да ги прави бесмислени сите напори насочени кон деескалација на ситуацијата. “ напиша Вучиќ.
Тој додаде дека му се заблагодарил на Макрон за неговата подготвеност да го слуша Белград, како и за неговата решеност да вложи дополнителни напори со цел „да се реши исклучително сложената и пред се опасна ситуација на Косово и Метохија“.
Вучиќ на Инстаграм објави и дека на 8 јули телефонски разговарал со шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани.
Разговорот го оцени како „конструктивен“.
Тајани побара Србија да направи се за да ја одржи стабилноста во регионот и истакна дека Италија е секогаш подготвена да го поддржи мирот“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.
Вучиќ изјави и дека за време на разговорот се заблагодарил за „интересот и разбирањето“ што Италија, премиерот Џорџија Мелони и Тајани го имаат за ставовите на Србија.
Европската унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) прават дополнителни напори за да ги вратат лидерите на Србија и Косово на преговарачка маса, со цел деескалација на ситуацијата на северот на Косово.