ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ги стопира сите средби со власта, одлучил Извршниот комитет на најголемата опозициска партија. Ова го најави денеска лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој посочи дека оваа одлука била донесена едногласно. Потенцираше дека од сега повеќе нема да зборува за ништо што е поврзано со уставните измени, туку единствено за што би седнал на маса е за брзи предвремени парламентарни избори оваа есен.
„Комуникација со власта немаме, оваа недела имавме седница на Извршниот Комитет на партијата и донесовме едногласна одлука дека како ВМРО-ДПМНЕ ги прекинуваме сите комуникации официјални на билатерално ниво со претставници од владата. Има само една работа, а тоа е да седнеме и да се договориме околу изборите кога ќе бидат изборите, а како ќе бидат изборите, на кој начин – со техничка влада, немање техничка влада или се она кое што еповрзано од изборите“, рече Мицкоски.
Ова доаѓа откако на 7 јуни претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски на лидерска средба ја отворија вратата за уставни измени, но рекоа дека ќе се разгледуваат опциите како да се изведат. По ова следуваше натегање и двете страни ја повторуваат својата верзија од исходот.
Вчера премиерот Димитар Ковачевски најави дека уставните измени сепак ќе бидат поднесени во Собранието.
„Уставните измени ќе бидат поднесени во Собранието во текот на наредните две недели и ќе отпочне процес на дискусија согласно со процедура за истите во Собранието, таму каде што ѝ е местото. “, рече Ковачевски
Во врска со изборите рече дека нема да има наесен. Во изјавата не прецизираше дали се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дали има поддршка од опозицијата.
Инаку власта постојано тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ прифатила уставни измени. Опозициската партија пак убедуваше дека не е така и дека нема да прифатат уставни измени под бугарски диктат и во вакви услови. Односно, уставни измени да, но со важност откако Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ.
Видете и ова: Ковачевски - Маричиќ секој ден се јавува во ВМРО-ДПМНЕ за уставните измениРазликите околу менувањето на Уставот меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се во начините кога тие да бидат изгласани во Собрание и кога да стапат во сила.
Инаку, на лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, СДСМ предложи широка коалиција со сите партии кои се за евроинтеграција, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го прифати предлогот со услов - влада на широка коалиција, но без ДУИ да учествува во неа и одложено важење на уставните измени. Додека ДУИ го прифати предлог да оди во опозиција, но само до одржување на избори, ако ВМРО-ДПМНЕ претходно гласа за уставните измени со стапување во сила веднаш по гласањето во Собрание.