Софтвери, бракови и ракети

МАКЕДОНИЈА - Судот денеска му изрече мерка куќен притвор на Драги Рашковски, осуден на осум години затвор за случајот „Софтвери“. Рашковски доби и забрана да комуницира со првите тројца обвинети Ивица Димитровски, Игор Христов и Даниел Станчев.

БУГАРИЈА / УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја посети Софија на 6 јули на средби со владини претставници, вклучително и со новиот бугарски премиер, кој сигнализираше прекин од неподготвеноста на претходната преодна влада да обезбеди помош за Украина кога тој ја презеде власта минатиот месец.

МАКЕДОНИЈА - Два дена на 4 и 5 јуни Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) вршел увид во клиниката за Гинекологија и акушерство (ГАК), а во врска со случајот со родилката која скокна од прозорец.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски ја поддржува мисијата на Европската Унија која ја најави евроамбасадорот Дејвид Гир, а е за оценка на работата на Судскиот совет.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ на 6 јули изјави дека ќе побара разговор со шефот на НАТО Јенс Столтенберг, а потоа и итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) поради ситуацијата на Косово.

МАКЕДОНИЈА - Електрична енергија треба да се плаќа секаде и плаќа секој, тоа мора да го спроведеме и во Арачиново и во Липково, порача министерот за економија Крешник Бектеши кој потсети дека врз основа на Законот за енергетика и надлежното министерство се вклучени во запирање на кражбите на струја.

БЕЛОРУСИЈА / РУСИЈА - Белорускиот лидер Александар Лукашенко, кој посредуваше во договорот за ставање крај на вооружениот бунт во Русија минатиот месец, рече дека водачот на руските платеници Евгениј Пригожин повеќе не е во Белорусија.

УКРАИНА - Во ракетен напад врз станбен блок во Лвив, на западот на Украина, загинаа четири лица, а девет беа ранети.
„Тоа е најголемиот напад врз цивилната инфраструктура во градот од почетокот на руската инвазија“, рече градоначалникот Андриј Садови во четвртокот, 6 јули.

АЛБАНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Албанскиот премиер Еди Рама од Скопје порача дека не носи вест за смртта на иницијативата Отворен Балкан, но таа треба да се тргне малку настрана, со цел нов фокус на Берлинскиот процес. За македонскиот премиер Димитар Ковачевски „Отворен Балкан“ е жив и не е во спротивност со Берлинскиот процес.