Српскиот претседател Александар Вучиќ на 6 јули изјави дека ќе побара разговор со шефот на НАТО Јенс Столтенберг, а потоа и итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) поради ситуацијата на Косово.
Тој рече дека ќе побара од Советот за безбедност „да иницира итни мерки“ за заштита на Србите во Косово.
„Ќе побараме од Советот за безбедност да му нареди на КФОР да ги спречи акциите на безбедносните сили на терен кои ги загрозуваат животите и безбедноста“, рече Вучиќ.
Вучиќ рече и дека Србија ќе бара „демилитаризација на сите вооружени албански формации во согласност со резолуцијата 1244“.
Вучиќ рече и дека Србија направила се што може за да ја деескалира ситуацијата на Косово, но дека на Косово се спроведува „акција на прогон и етничко чистење“ на Србите, што е „добро организирано и поддржано од дел од меѓународната заедница“.
Тој рече и дека на Косово се врши „криминализација на српскиот народ“.
Во тој контекст, тој ја коментираше и изјавата на британската парламентарка Алиша Кернс дека оружјето од Србија во Косово се шверцува со возила за итни случаи и дека тоа се „складира“ во просториите на СПЦ.
Ова во британскиот парламент на 4 јули го изјави Алиша Кернс, британска пратеничка и претседателка на Комисијата за надворешна политика на британскиот парламент.
Тензиите на северот на Косово настанаа на крајот на мај кога новите албански градоначалници на Звечан, Лепосавиќ и Зубина Поток со помош на полицијата влегоа во општинските згради и покрај противењето на локалните Срби кои ги бојкотираа изборите.
Европската унија и другите западни земји бараат итна деескалација на ситуацијата, одржување нови избори и враќање на дијалогот за нормализација на односите.