Вкупно 8 години затвор за поранешниот генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, Драги Рашковски пресуди денеска Кривичниот суд за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и Перење пари. Исто така судот го задолжи Рашковски, со уште тројца осудени да ја надомести штетата која и ја нанеле на државата со набавка на систем и софтвер за откривање на брзо возење по сообраќајниците во вкупна вредност од околу 190 илјади евра и тоа во рок од половина година.
Во спротивно ќе биде активирана гаранцијата од замрзнатите сметки имот како на обвинетите така и од малолетните деца на поранешниот ген-сек на чија сметка тој ги префрлал парите добиени од кривичните дела.
Видете и ова: Зеќири сведочеше против Рашковски за случајот „Софтвери“При изрекувањето на пресудата судијката Фанка Јанчулева Михаиловска истакна дека при судењето се докажало дека сите седуммина обвинети се виновни за делата кои ги товари Обвинителството за организиран криминал и корупција.
„Факт е дека Драги Рашковски со дел од останатите обвинети или пак тие меѓу себе имале префрлања на пари кои најчесто биле големи суми, а дел од нив по тоа биле префрлани на сметката на Драги Рашковски. Трансферите на пари во некои случаи биле и меѓу правни лица во кои фигурираат обвинетите“, беше само мал дел од образложението на пресудата.
Останатие обвинети ги добија следните затворски казни:
Ивица Димитровски – пет годни затвор
Игор Христов – пет години и шест месеци
Даниел Станчев – четири години затвор
Ирена Ивановска – три години и шест месеци
Игор Ивановски – три години
Маја Силјановска – три години
Инаку случајот кој во јавноста е познат како „Софтвери“ се поврзува со тендери реализирани од Генералниот секретаријат на Владата во период кога Рашковски беше прв човек на секретаријатот.
Обвинението ги посочуваше четири набавки како што се систем за биометриска идентификација, софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, камери за препознавање регистарски таблички за возила, метални кабини за потребите на системот за биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Дел од обвинението се однесуваше и за исплата на хонорари на луѓе ангажирани од Рашковски, а дел од парите завршувале кај него.
Рашковски и другите обвинети очекуваа ослободителна пресуда бидејќи сметаа дека Обвинителството не успеало да докаже ниту една од своите теории.
Во завршните зборови Рашковски истакна дека „незнаењето на обвинителството плус моќта е еднакво на тиранија“.