Во ракетен напад врз станбен блок во Лвив, на западот на Украина, загинаа четири лица, а девет беа ранети.
„Тоа е најголемиот напад врз цивилната инфраструктура во градот од почетокот на руската инвазија“, рече градоначалникот Андриј Садови во четвртокот, 6 јули.
Додека Русија редовно ја гаѓа Украина со проектили, артилерија и беспилотни летала, подрачјето на Лвив, на стотици километри од првите линии на фронтот и блиску до полската граница, главно е поштедено од воздушни напади, пренесува АФП.
„Станбена зграда е оштетена во новиот руски ракетен напад. Спасувачите работат за да стигнат до оние кои се уште се заробени под урнатините“, напиша украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко на Телеграм.
Повеќе од 50 станови „се урнаа“ и оштетен е студентски дом на Политехничкиот универзитет во Лвив, додаде Садови.
„Ова се последиците од ноќниот напад на руските терористи. Дефинитивно ќе има одговор на непријателот. “, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео објава на Телеграм на која се гледа оштетената зграда.
Видете и ова: 8 загинати, меѓу кои и 3 деца во руски ракетен напад врз КраматорскСе уште не е јасно колку ракети биле лансирани.
Претходно, регионалниот гувернер Максим Козицки изјави дека „неколку“ проектили „се движат во правец на западните региони“, мислејќи на командата на украинските воздухопловни сили.
Посебно видео објавено од Козицки покажува повеќекатна зграда со уништен дел од последниот кат.
„Правиме се што е можно за да спасиме луѓе“, изјави тој.
Украина неодамна ги зајакна своите системи за противвоздушна одбрана со оружје испорачано од Запад, а бројот на руски ракети и беспилотни летала што продираат е намален. Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Игнат неодамна изјави дека новите системи сè уште не се доволни за да ја покријат целата земја.
Пред неколку дена Зеленски рече дека бавната испорака на оружје за Украина ја одложила планираната контраофанзива на Киев, дозволувајќи и како што рече, на Русија да ја зајакне одбраната на окупираните територии.