Украинската полиција истражува експлозија во судот во Киев

Полиција пред судот каде што се случила експлозијата, Киев, 5 јули 2023 година.

Украинската полиција истражува експлозија во окружниот суд во Киев, за која властите сметаат дека можеби била предизвикана од маж кој активирал уред откако пристигнал на сослушување.

Полицајци и експерти се на местото на експлозијата во судот во центарот на главниот град, соопшти украинската полиција на 5 јули на Телеграм. Градската воена управа соопшти дека експлозијата се случила во 17:20 часот по локално време во судот во областа Шевченко.

Министерството за внатрешни работи соопшти првични информации, според кои, маж кој бил однесен на судско рочиште активирал направа.

„Во судот се случи вонреден настан. Полицијата прими пријава за експлозијата“, рече министерот за внатрешни работи Ихор Клименко.

„Се разјаснуваат деталите, бидете смирени и подалеку од местото на настанот“, рече тој.

Клименко не спомна жртви или каква било поврзаност помеѓу експлозијата и тековната руска инвазија во земјата.

Воената администрација на Киев на Телеграм соопшти дека според прелиминарните информации воениот персонал донел обвинет во судот и поради непознати околности тој активирал „непозната експлозивна направа во просториите на судот“.

Портпаролката на судот соопшти дека обвинетиот е Ихор Хуменјук, кој е обвинет за активирање на граната во близина на зградата на украинскиот парламент во август 2015 година, при што загинаа тројца војници на украинската национална гарда и беа повредени повеќе од 140 луѓе.

Хуменјук, член на националистичката политичка алијанса Свобода, беше обвинет дека ја фрлил гранатата поради протестите против нацрт-законот со кој требаше да се даде поголема автономија на проруските сепаратисти во источна Украина.

Свобода и националистичката Радикална партија го организираа протестот за да изразат противење на законот. Генералниот обвинител тогаш изјави дека сторителите на нападот со гранати и организаторите на протестот ќе се соочат со долги затворски казни под обвинение за терористички напад.

Видете и ова: МААЕ бара дополнителен пристап во Запорожје за да потврдат дека нема мини


Сослушувањето на 5 јули требаше да го продолжи притворот на Хуменјук.

Адвокатот на Хуменјук, Олександр Свиридовски изјавил дека притворот на неговиот клиент бил продолжен, а тој бил во канцеларија со својата воена придружба кога се случила експлозијата.

Адвокатот истакна дека Хуменјук е во истражен затвор речиси осум години. Од почетокот на целосната инвазија на Русија, неговото барање да биде ослободен од притвор за да оди на фронтот е одбиено.

Адвокатот додаде дека неговиот клиент бил во депресија две години.