Министерот за здравство ветил трикафта за најмалку 42 пациенти со цистична фиброза

Скопје, протест пред Министерство за здравство на болни од цистична фиброза и нивните семејства, 26 декември, 2022.

Министерот за здравство Фатмир Меџити на претставниците на Асоцијацијата за цистична фиброза им ветил дека за најмалку 42 пациенти со оваа болест ќе биде обезбеден лекот „трикафта“ до крајот на годината.

Министерот и претставници на асоцијацијата на 5 јули имаат средба во Министерството.

Цистичната фиброза е генетска болест која ја имаат околу 130 луѓе во земјава. Тешко ги напаѓа белите дробови и панкреасот, и напредува како што минуваат годините. Затоа пациентите се млади, а нивниот животен век краток. Но со лекот „трикафта“, кој моментално го добиваат 12 пациенти, се олеснува болеста и лицата со оваа болест може да функционираат без проблеми.

Видете и ова: Набавката на лекот „трикафта“ заглавена во институциите


Асоцијацијата за цистична фиброза се бори лекот да го добијат сите пациенти во државата. Тие одржаа и неколку протести, а критиките за односот на државата кон овие пациенти кулминираше на средината на февруари кога почина пациент со оваа ретка болест во Македонија, чекајќи државата да обезбеди лек.

На средбата во Министерството, освен за лекот, се разговарало и за центар во кој ќе се лекуваат овие пациенти, оти досега тие се лекуваат на Детскатата клиника или на Клиниката за пулмологија, каде што имаа проблеми со места.

„Центарот за цистична фиброза се планира да почне во скоро време“, велат од Министерството за здравство.