Владата одлучи да ги спои двете концесиите за експлоатација на бакар и злато за рудникот Иловица во струмичко. Тоа предизвика реакции од активистите за животна средина кои се противат во тој земјоделски крај да се отвораат рудници.
Власта смирува дека нема да дадат дозвола за отворање на рудник во Иловица без предходна консултација и одобрение од локалното население
За планираниот рудник во село Иловица, Владата претходно имаше склучено два одделни договори за концесии, во 2012 и во 2016 година.
Во 2019 Владата еднострано го раскина договорот со „Еуромакс Ресоурцес“ со образложение дека концесионерот не поднел барање со целокупна „неопходна“ документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини во предвидениот рок.
Компанијата поднесе тужба и доби на суд.
Од Владата велат дека постапувале по пресудата од Управниот суд од 30 март годинава, кој го уважи барањето на концесионерот „Еуромакс“. Судот одлучи да ја поништи одлуката на Владата и предметот да го врати во Владата и во Министерството за економија на повторно разгледување и одлучување.
Против оваа пресуда не е дозволена жалба.
Постапувајќи по насоките од пресудата, Владата донесе одлуката за спојување на двете концесии за експлоатација, доделени на Еуромакс, соопштија од владината прес-служба.
Од таму велат дека не се менува фактичката состојба, туку само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии.
„Потенцираме дека не се доделуваат нови права на Концесионерот и со ова не се дава право да врши експлоатација, односно за да може да врши експлоатација потребно е да добие дозвола за експлоатација согласно Законот за минерални суровини“, велат од Владата.
Компанијата за да добие дозвола треба да ги комплетира документите.
Владата и Министерството за економија имаат слух за загриженоста на жителите во регионот каде треба да се отвори рудникот и велат дека „нема да издадат дозвола за експлоатација за отворање на рудник, без исполнување на највисоките светски стандарди и добри практики за заштита на животната средина и здравјето на луѓето“.
Дозвола нема да се издаде и без претходни консултации од локалното население, велат од Владата.
Активистите за животна средина кои се противат на отворање на рудниците, кои се здружени под иницијативата „Здрава котлина“ ги повикаа сите да се мобилизираат и да не се дозволи да се отвори рудник.
„За она што гласно говореа дека нема да се случи, сепак еве, на очи на целата македонска јавност – се случува!“, напишаа од Здрава котлина на нивниот Фејсбук профил.
Проектот за отворање на рудникот во изминативе неколку години предизвика загриженост кај локалните жители во повеќе населени места во југоистокот на Македонија, стравувајќи дека рудници од ваков тип ќе предизвикаат сериозни штети врз нивното здравје и животната средина во земјоделски доминантниот крај.
Од компанијата која сака да отвори рудник во струмичко, регион познат по земјоделското производство, велат дека ќе ги исцрпат сите домашни правни механизми за да ја реализираат инвестицијата со добра волја и чесни намери.
„Сепак, доколку увидиме дека на прашањето на нашата инвестиција повторно се напаѓа владеењето на правото како уставна загарантирана темелна вредност, тогаш ќе бидеме принудени да покренеме соодветна постапка пред Меѓународната Арбитража во Вашингтон, САД. Првичните проценки се дека вкупните штети кои потенцијално ќе се наплатат од Буџетот на Северна Македонија изнесуваат повеќе од 1 милијарда евра, без пресметани камати“, наведуваат од компанијата.
Од компанијата посочуваат дека станува збор за инвестиција од 340 милиони евра што ќе овозможи над три илјади работни места.
Реагираа и од партијата ДОМ, дел од владејачката коалиција. Тие бараат Владата да не дозволат отворање на рудник во Иловица.
„ДОМ останува цврсто на ставот против отворање рудници, затоа што тие се штетни по животната средина и здравјето на луѓето. Последиците од уништувањето на природата и загадувањето од рудниците остануваат присутни со децении по нивното затворање. Не смееме да дозволиме заради остварување на профит на поединци, да ја уништуваме иднината на сегашните и идните генерации“, реагираат од ДОМ.