Уставниот суд на Северна Македонија на седницата на 5 јули не ја разгледуваше иницијативните за оспорување на измените на Законот за здруженија и фондации, поднесена од Здружението на граѓани „Македонско-бугарско пријателство“.
Измените на Законот, донесени лани во ноември, предвидуваат забрана на постоење на здруженија кои носат имиња поврзани со нацизам, фашизам и геноцид.
Согласно законот, бугарските здруженија во земјава „Иван(Ванчо) Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид и истоимените клубови имаа рок од три месеци да го променат името, по што беа избришани од Централниот регистар.
На седницата на Уставен суд на 5 јули судиите одлучија да ја отфрлат иницијативата, затоа што веќе еднаш одлучувале по овие прашања. Уставниот суд во мај годинава не покрена иницијатива за оценување на уставноста на измените на Законот, што значи дека законските измени се во согласност во Уставот.
Подносителот на новата иницијатива, која се најде пред судиите на 5 јули, наведува дека оспорениот закон го ограничува основањето на организации и нивниот упис во соодветниот регистар со називот, името или скратеното име на организацијата, што претставува ограничување на едно од основните уставни права.
Измените на Законот за здруженија и фондации беа донесени лани во ноември и имаат ретроактивно значење, односно предвидуваат да се избришат здруженија со спорни имиња формирани пред носење на измените.
Во Северна Македонија и во Бугарија различно се толкуваат историски личности и настани од поблиското минато, што ги обременува односите меѓу двете земји.
Борис Трети бил на чело на Бугарија за Време на втората светска војна, кога како сојузник на Нацистичка Германија, окупира голем дел од територијата на Македонија.
Ванчо Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.
Во Северна Македонија имаше протести пред отворањето на клубот Цар Борис Трети, а неколку пати просториите на клубот беа цел на оштетувања. И вратата на клубот Ванчо Михајлов беше оштетена во пожар. Истовремено пак во Бугарија беше одбиена регистрацијата на македонскиот клуб Никола Вапцаров во Благоевград, а просториите на клубот беа каменувани.
Односните меѓу двете земји беа напнати во изминатите години, откако Бугарија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.