Уставниот суд на 5 јуни донесе одлука со која привремено го стави надвор од употреба упатството на министерот за правда Кренар Лога, со кое се издава извод на родени во кој има графа за етничка припадност.
Уставните судии изразија сомнеж во уставноста на ова упатство и покренаа иницијива за проверка на законитоста. Додека одлучат за упатството на министерот, ќе важи времената мерка, односно во изводите нема да се става графата за етничка припадност.
Седницата на уставните судии ја следеше и министерот за правда од публика.
По ваквата одлука, министерот Лога рече дека сега се отвора Пандорината кутија, бидејќи, според него, во многу наврати не било почитувано правилото за најдоцна за седум дена да се објават одлуки во Службен весник.
Основната причина за поведување на постапка е пречекорување на рокот за потпишување – од потпишување, до објава во Службен весник.
На ова министерот Лога најави дека утре ќе достави десетици иницијативи до Уставниот суд за прекршување на уставниот рок со кој е предвидено секој закон и правен акт донесен од институција да се објави во Служебен весник.
Досега во изводите имаше графа за државјанството, но не и графа за национална припадност.
Претходно и поранешната министерка за правда, Рената Дескоска се изјасни дека графата за националност во изводот не е законска, и дека очекува Уставен суд да го укине Упатството за матични книги.