Шефот за Меѓународната агенција за нуклеарна енергија на Обединетите нации, Рафаел Гроси на 5 јули ќе ја посети јапонската нуклеарна централа Фукушима.
Претходно Агенцијата ја потврди безбедноста на спорниот план за испуштање на прочистена радиоактивна вода во морето.
Гроси е во четиридневна посета на Јапонија.
На својот пат кон централата Фукушима Даичи, Гроси се сретна со населението и со претставници на Фукушима, да им соопшти повеќе детали за планираното испуштање на пречистената отпадна вода од нуклеарната централа.
Планираното испуштање на водата го одобри Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) откако утврди дека се исполнети потребните стандарди на глобално ниво.
На состанокот во Иваки, префектурата Фукушима, Гроси, сепак, призна дека постои загриженост.
„Сите овие графикони и статистики се една работа, но реалноста, реалноста на луѓето, реалноста на економијата, реалноста на општественото расположение и перцепција може да бидат различни“, рече тој на состанокот со локалните жители и со официјалните лица, пренесе Агенцијата Франс прес.
Околу 1,33 милиони кубни метри подземна вода и дождовна вода што се користат за ладење се акумулирани околу централата во Фукушима, која беше исклучена откако беше погодена од цунами во 2011 година.
Цунамиото сериозно ја оштети централата.
Операторот на централата ја третира водата преку својот систем за третман за да ги отстрани речиси сите радиоактивни елементи, освен тритиумот и планира да ја разреди пред да ја пушти во океанот во наредните децении.
Видете и ова: Јапонија одбележува три години од разорното цунами
На планот се спротивставуваат некои регионални соседи, а Кина гласно го осудува. Планот наиде на осуда и во Фукушима, особено од рибарската заедница, која стравува дека нивниот улов нема повеќе да се купува.
Гроси рече дека МААЕ не била вклучена во процесот на „прикривање за да се разубави нешто што е лошо“.
„Кога станува збор за оваа активност овде, ова што се случува не е исклучок, некој чуден план што беше смислен само за да се спроведе овде и да ви се продаде“, додаде тој.
Гроси вели дека станува збор за општа практика која е договорена и забележана на многу места низ светот.