Европските земји примиле речиси еден милион барања за азил лани

илустрација

Земјите-членки на ЕУ примиле речиси милион барања за азил во 2022 година, а најмногу Германија, објави денеска Европската агенција за азил (ЕУАА). Тоа е зголемување од околу 50 отсто во споредба со 2021 година во земјите од ЕУ плус, каде се вклучени Лихтенштајн, Исланд, Норвешка и Швајцарија.

„Комбинација од кризи, вклучувајќи нови и стари конфликти, климатски шокови, геополитички немири, насилство и прогон, принудија еден милион луѓе да ги напуштат своите домови во 2022 година“, се наведува во извештајот на ЕУАА.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бугарија не му дaва азил на истакнат руски активист

Меѓу апликантите имало околу 42 000 деца и малолетници без придружба, најмногу од 2016 година, од кои речиси две третини се од Авганистан и Сирија.

Од речиси еден милион барања за азил поднесени минатата година, Германија прими најголем број (244 000), а потоа следат Франција (156 000), Шпанија (118 000), Австрија (109 000) и Италија (84 000), што е вкупно 996 000 барања.

Но, некои земји-членки пријавиле повеќе барања од кога било досега од почетокот на паневропското собирање податоци во 2008 година, вклучувајќи ги Австрија, Франција, Шпанија и Португалија. Најголем дел од барањата поднеле државјани на Сирија, Авганистан, Турција, Венецуела и Колумбија.

Во податоците на ЕУАА не се вклучени речиси четири милиони бегалци од Украина, кои не мора да поминат низ сложени процедури за одобрување азил.