Европската комисија одобри четири проекти за Босна и Херцеговина во вредност од 298 милиони евра. Сите проекти се од ентитетот Федерација Босна и Херцеговина, а ниту еден од Република Српска.
Вкупната инвестиција овозможена со овие грантови, заедно со заеми од меѓународни финансиски институции, изнесува 788 милиони евра, беше објавено во вторник, 4 јули.
Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина не можеше веднаш да одговори на прашањето на Радио Слободна Европа зошто нема одобрени проекти од Република Српска.
Беа одобрени грантови за изградба на 11,9 километри автопат во близина на Жепче и Маглај и централна Босна, вклучувајќи пет тунели и девет мостови.
Видете и ова: Додик порача дека не ги прифаќа одлуките на високиот претставник ШмитДополнително, одобрени се четири регионални проекти во вредност од 944 милиони евра, во кои ќе учествува БиХ, од кои 142 милиони евра се грантови.
На 30 јуни Европската комисија објави финансиски пакет во вредност од 2,1 милијарди евра за, како што се наведува, „забрзување на европската перспектива на Западен Балкан“.
„Со овој нов инвестициски пакет, гласно и јасно им кажуваме на нашите партнери од Западен Балкан дека нивната иднина е во рамките на ЕУ и дека постојано напредуваме во надминувањето на постојниот јаз во економскиот развој“, рече Оливер Вархеји, еврокомесар за Соседство и проширување.
ЕУ ќе финансира вкупно 14 проекти во Западен Балкан во областа на транспортот, енергијата, животната средина, човечкиот капитал и поддршката на приватниот сектор. Ова е петти инвестициски пакет во рамките на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.