Наградуваната руска истражувачка новинарка Елена Милашина и адвокатот Александар Немов биле жестоко претепани од вооружени лица за време на патувањето во Чеченија, објави групата за човекови права „Тим против тортура“ на 4 јули.
Новинарката на Новаја Газета и адвокатот Немов моментално се во болница во Грозни, пишува рускиот сервис на Радио Слободна Европа. Тие се здобиле со повеќе повреди, објави групата за човекови права.
„На Милашина ѝ се скршени прстите и повремено губи свест. Има модринки по целото тело“, објави групата на социјалните мрежи, додавајќи дека Немов бил прободен со нож во ногата.
Според Немов, напаѓачите нему и на Милашина ги предупредиле да престанат да пишуваат.
Видете и ова: Русија го стави медиумот „Новаја Газета Европа“ на листата непожелни организацииМилашина и Немов моментално се во ургентната болница во Грозни. Планирано е тие да бидат префрлени во Беслан, придружувани од чеченскиот народен правобранител Мансур Солтаев.
Според Тимот против тортура, ваква наредба дал лично чеченскиот лидер Рамзан Кадиров по телефонски разговор со комесарката за човекови права Татјана Москалкова.
Милашина и Немов заминаа во Чеченија за да го следат објавувањето на пресудата за Зарема Мусаева, која чеченската полиција ја киднапираше од рускиот град Нижни Новгород во јануари 2022 година.
Пресудата треба да биде објавена денеска.
Немов е адвокат на Мусаева и заедно со неа требаше да се појави на суд.
Советот за човекови права и Унијата на новинари на Русија известија дека ќе има повеќе информации за деталите за нападот. Синдикатот изрази надеж дека сторителите ќе бидат казнети.