Египет и Турција по десет години именуваа нови амбасадори

Средбата на тогашниот шеф на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу и актуелниот египетски министер за надворешни работи Самех Шукри, Каиро, март 2023 година

Египет и Турција првпат по десет години именуваа амбасадори во Каиро и Анкара, со цел да ги обноват нормалните дипломатски односи, соопштија министерствата за надворешни работи на двете земји.

Консултациите на високи претставници на министерствата во Анкара и Каиро започнаа во 2021 година, по желбата на Турција да ги подобри односите со Египет, Обединетите Арапски Емирати, Израел и Саудиска Арабија.

Нормализацијата на односите беше забрзана откако претседателот на Египет Абдел Фатах ел Сиси и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган се сретнаа во Доха за време на Светското првенство во фудбал што во декември се одржа во Катар.

Сиси и Ердоган во мај се договорија да испратат амбасадори во Каиро и Анкара.

Египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека египетскиот амбасадор во Анкара ќе биде Амр Елхамами, а турскиот амбасадор во Каиро Салих Мутлу Сен.

Двете земји меѓусебно немаат праќано амбасадори од 2013 година, откако властите во Каиро го протераа турскиот амбасадор и ја обвинија Анкара дека поддржува организација која сака да му се закани на Египет.